Приватните стоматолози со барања до Владата и Министерство за здравство – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/21 10:55 PM

Приватните стоматолози со барања до Владата и Министерство за здравство

На  24 декември 2020 година Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина (ЗПЗСУ ПДДМ) одржа онлајн протест и ги испрати барањата до Влада, Министерство за здравство и Фондот за здравство, но освен едно писмо од влада со кое ни посочуваат дека нашите барања се препратени до г. Фатмир Битиќи, Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, до денес ниту добивме некаков одговор на барањата ниту не викнаа на разговор по однос на барањата.

Поради ова здружението денес повторно прати ново барање конкретно за мерките од 5 от пакет .

Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина ЗПЗСУ ПДДМ како претставник и заштитник на интересите на Приватните здравствени стоматолошки установи во Р.С. Македонија како правни субјекти (согласно член 95 од Законот за здравствена заштита) на ден 24.12.2020 одржа онлајн протест со цел да се искажи незадоволството од катастрофалната состојба во која се наоѓаат приватните здравствени установи по дентална медицина, а со тоа и самите
стоматолози. Поради тоа што во тек изготвувањето на петтиот пакет мерки за помош поради ковид кризата го испраќаме следното барање:

БАРАЊЕ
1. Директна финансиска помош заради исплата на минимални бруто плати на вработените во стоматолошките ординации
2. Ослободување од фискални и парафискални трошоци сѐ додека трае кризната состојба
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Поради рестриктивните мерки и посебните услови и протоколи за работа кои беа наложени на приватните здравствени стоматолошки установи, преполовената фреквенција на посети и интервенции на пациенти, како и потребата од додатните и непредвидени финансиски трошоци по однос на обезбедување на дополнителна надстандардна и редовна заштитна опрема која поради ковид кризата повеќекратно се зголеми, стоматолошките ординации како микро-правни субјекти претрпеа огромни финансиски загуби и се доведени на раб на егзистенција. Речиси две третини од стоматолошките тимови не се во можност да ги покријат основните режиски трошоци и да исплатат минимални плати за стоматологот и асистентот.

Сепак, докторите по стоматологија и покрај огромниот ризик од зараза поради специфичноста на работата, останаа и остануваат на своите работни места и нема да дозволат пациентите да останат без стоматолошка заштита, но не сакаат да останат заборавени и без можност за искористување на мерките од Владата за финансиска помош од ковид кризата, како што тоа беше пример со четвртиот сет на мерки.

Имено, кај оваа група на правни субјекти, при изготвувањето на четвртиот сет мерки за финансиска помош се занемари фактот што ФЗОРСМ при крајот на 2019 година го зголеми капитациониот бод за 16%, при што стоматолошките ординации не можеа да го исполнат процентуалниот услов за владината помош која беше понудена.

При разгледување на нашите горенаведени барања за помош, покрај зголемениот приход за 16% по основ на капитација од октомври, 2019 година, Владата и Министерството за финансии да го имаат во предвид и различното финансирање и приходите по тим во приватните стоматолошки установи.

Здружението е отворено за соработка и работен состанок за објаснување и прецизирање на сите детали и специфичности во приватните стоматолошки здравствени установи.

Здружение на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина