Тухел: Не ни знаев дека Тотенхем е клуб од Лондон, Лампард ми посака среќа утрово преку СМС порака – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/21 3:31 PM

Тухел: Не ни знаев дека Тотенхем е клуб од Лондон, Лампард ми посака среќа утрово преку СМС порака

Во Англија, а особено во Челзи работите секогаш се одвиваат по некој неконвенционален тек. Томас Тухел вчера „директно од авион“ дебитираше на клупата на „сините“ во фрустрирачкото реми против ултра-дефанзивниот Волвс, а денес имаше претставување пред јавноста и медиумите.

Прес-конференцијата на некогашниот предводник на Борусија Дортмунд и ПСЖ, привлече огромно внимание помеѓу фановите на лондонскиот клуб и јавноста и донесе на површина поприлично интересни детали и насоки кои покажуваат каде би се движел клубот од западен Лондон.

Тухел уште еднаш се заблагодари на шансата да биде тренер на еден од најголемите светски колективи и на прашањето „зошто токму Челзи“, одговори типично за него „зошто да не“. Германецот зборуваше за фамозната академија, приликата да се работи со играчи како Канте, Маунт, Глмор, но не ја испушти шансата намерно или ненамерно да го „пецне“ лондоснкиот ривал Тотенхем.

-Порано Тотенхем Хотспур многу често ми излегуваше на ТВ. Нивното име звучеше како некоја голема авантура. Јас до скоро не ни знаев дека Тотенхем е клуб од Лондон, изјави Тухел.

Тој изрази надеж дека фановите нема да се поделат и дека ќе ја добие нивната поддршка. Свесен е за моментот во кој Челзи се наоѓа по отпуштањето на иконата Френк Лампард и откри како довчерашниот менаџер му честитал за новата работна позиција.

-Утрово добив СМС порака од Лампард во која ми посака среќа и ми честиташе. Имам огромен респект за него и неговото наследство. Луѓето кои ќе доаѓаат на „Стемфорд Бриџ“ треба да бидат возбудени. Ние сме Челзи и ние играме за победи и трофеи, ја охрабри индиспонираната фан-база Томас Тухел.

Вчерашното деби во Премиер Лигата го остави германскиот стратег со половичен плен, откако Челзи на домашен терен изигра само 0:0 против екипата на Волвс.

 

 

 

Фото:

goal.com