Тетовската полиција вчера на булеварот „Видоја Смилевски-Бато“ попознат како Индустриска улица, при спроведена локална контрола санкционирала вкупно осум возачи кои ја пречекориле максимално дозволената брзина за движење. Оваа сообраќајница периодов е.актуелна поради тоа што загина дете пешак, а имаше и протести за поголема безбедност.
„На булеварот е дозволено 50 километри на час. Имало возачи кои пречекориле за над 30 километри на час од максимално дозволената брзина и нив ги очекува глоба од 300 евра но и возачи кои пречекориле до 30 километри кои треба да платат 45 евра“, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
И во наредниот период се предвидени вакви контроли на булеварот.
Полицијата вчера за поголем ред и безбедност со паркирањето, пред се, на улиците „Илинденска“ и „Маршал Тито“ во Тетово изрече над 50 мерки за непрописно, односно погрешно паркирање.
„На прекршителите им се изготвени поднесоци и зависно од прекршокот, ќе се соочат со парични глоби од 45 до 180 евра во денарска противвредност,“ рече Јосифоски.
Покрај ова, девет возила се подигнати од тетовската „пајак-служба“ и пренесени на наменски определената локација од тетовската локална самоуправа.