Aзилот е под напад долж границите на Европа: УНХЦР бара да се стави крај на неформалните враќања и насилството врз бегалците – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/21 9:58 AM

Aзилот е под напад долж границите на Европа: УНХЦР бара да се стави крај на неформалните враќања и насилството врз бегалците

УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци ги повикува земјите да ги истражат и прекинат зачестените протерувања и неформални враќања на бегалци и баратели на азил на европските копнени и морски граници.

„УНХЦР добива постојани извештаи за европски земји кои го ограничуваат пристапот до азил, враќајќи луѓе откако пристигнале на територијата или територијалните води и употребувајќи насилство врз нив на границите,“ изјави помошник-високиот комесар за заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс.

„Неформалните враќањата се одвиваат на насилен и очигледно систематичен начин. Чамците со бегалци се влечени наназад. Луѓето, штом стигнат на копно, се собирани и потоа враќани на море. Многумина пријавуваат насилство и злоупотреби од страна на државните сили. Исто така, лицата кои пристигнуваат по копнен пат се неформално притворани и насилно враќани во соседни земји без да се земе предвид нивната потреба за меѓународна заштита“, додаде тој.

„Почитта кон човечките животи и правата на бегалците не е прашање на избор, туку правна и морална обврска. Иако земјите имаат легитимно право да управуваат со своите граници во согласност со меѓународното право, тие исто така мораат да ги почитуваат и човековите права. Неформалните враќања се едноставно незаконски. Правото на барање азил е основно човеково право. Пандемијата КОВИД-19 не е исклучок; можно е да се обезбеди заштита од пандемијата и да се осигури пристап до правична и брза постапка за азил“,  рече Тригс.

УНХЦР јасно ја изразува својата загриженост пред европските држави и повикува итно да се истражат наводните прекршувања и малтретирање, кои се засноваат на веродостојни сведоштва и се потврдени од невладините организации, медиумите и извештаи од отворени извори.

Бројот на пристигнувања во ЕУ продолжува да опаѓа секоја година. Бројот на лица кои пристигнале по воден и копнен пат во 2020 (95.000) е намален за 23 проценти во споредба со 2019 (123.700 лица) и за 33 проценти во споредба со 2018 (141.500).

Жално е дека прашањето на азил продолжува да се политизира и да создава поделби и покрај ваквите бројки во опаѓање. УНХЦР согледува дека одредени земји носат непропорционална одговорност во однос на прифатот на новопристигнати луѓе – велат од Агенцијата од каде се подготвени да им помогнат на државите да ги достигнат меѓународните обврски во областа на азилот.