(Видео) Нема од што да се срамам, нека се срамат тие со гадостите – Кавадарчанката Ана очекува институциите да реагираат – ММС
ММС

Објавено на: 01/27/21 11:03 PM

(Видео) Нема од што да се срамам, нека се срамат тие со гадостите – Кавадарчанката Ана очекува институциите да реагираат

„Не се сеќавам дека сум се скарала со некого. Реално, не можам да имам претстава кој би можел да ја злоупотреби мојата фотографија и да објавува такви гадости. Не сум имала закана од никого“- вака го започна разговорот за ММС 28 годишната кавадарчанка Ана, која е жртва на „јавната соба“ на Телеграм и чија фотографија беше злоупотребена. Таа е една од жртвите која се охрабри јавно да проговори за сите овие случувања. Очекува институциите да реагираат соодветно, а сторителите да бидат казнети.

Веќе во утрешниот ден,  случајот ќе го пријави во одделот за заштита од сексуално насилство при МВР, откако претходно не добила позитивен одговор од одделот за сајбер криминал.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 𝔸𝕟𝕟𝕒 (@troublemaker_ak)


„ Ова е опасност за сите девојки, може ова да им се случи на секоја. Денес сум  јас жртва на јавната соба, а утре може да биде било кој. Ваквите непромислени постапки на поединци,  можат да направат големи психолошки последици во здравјето на девојките,  кои се мета на оваа или слична група. Не треба да се молчи, туку да се реагира за да се запре со ваквите годости“ вели Ана за ММС.

Иако не очекувала силна поддршка од заедницата, но сепак одлучила јавно да проговори за случувањата. Сега е изненадена од пораките со поддршка кои ги добила на инстаграм по објавеното видео и нејзината исповед.

Кога почнала да добива пораки и повици со непристојна содржина, му раскажала на нејзиното момче, со кое е подолго во врска.

„Видеото има околу 200.000 прегледи. Ми пишуваат пораки со поддршка од секаде. Има и такви кои непристојно коментираат, но тоа е само мал број. Немам проблеми со дечкото. Веќе подолго сме заедно и имаме доверба еден во друг.  Охрабрување за јавно да проговорам и да не ги премолчам омаловажувањата кои ми се случија,  добив и од мојата фамилија.  Откако почнаа повиците,  не можев да спијам. Постојано размислував, како да им кажам на моите. Кога на медиумите слушнав исповед на анонимна девојка, која исто е жртва во оваа група, решив да проговорам на социјалните мрежи. Не треба да се молчи. Нема од што да се срамам, не сум сторила на никого ништо. Треба да се срамат тие кои го направиле сето тоа“ ни рече Ана и се прашува,  зарем стварно тие кои и ѕвонеле и и пишувале,  очекувале дека можат да добијат сексуална дружба, преку злоупотребена фотографија на интернет. Исто така се прашува зарем не помислиле истите тие луѓе,  дека може и нивни сестри да бидат вака злоупотребени.

Украдената фотографија од профилот на Ана

Оваа храбра кавадарчанка очекува набрзо институциите да ги откријат сторителите  и креаторите на овој неморален чин.  Очекува дека ќе соберат храброст и јавно ќе проговорат и други девојки,  кои се жртви во јавната соба,  каде се споделувале и злоупотребувале фотографии од девојки од повеќе градови во земјава.

„Над сликата имаше оставено мои лични податоци и мој телефонски број и надолу опис од некоја личност, која сакала на некој начин да ми наштети или го направила тоа за забава. Ова е сликата која некој ја злоупотребил. Почнав да добивам пораки и повици на мојот мобилен, на Вајбер, на Ватсап, на Месинџер и на Инстаграм. Не знаев што се случува и од каде доаѓа тоа. Се додека наредниот ден не добив скриншот од мојата слика, зашто таа слика не само што беше објавена во „Јавна соба“, туку е препраќана и на други места“ раскажува Ана.

Ангел Данов