Меѓународен ден на сеќавање на Холокаустот: Како да се одбележи и за време на епидемија – ММС
ММС

Објавено на: 01/27/21 3:53 PM

Меѓународен ден на сеќавање на Холокаустот: Како да се одбележи и за време на епидемија

Денеска, 27. Јануари, светот го одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, во согласност со едногласната одлука на ООН донесена зво 2005 година. Датумот беше избран бидејќи е денот на ослободувањето на логорот Аушвиц.

Резолуцијата на ООН ги повикува земјите да развиваат наставни планови и програми во областа на сеќавањето на Холокаустот, да го отфрлат секој обид за негово негирање, да ги осудат ефектите од ксенофобијата и да ги поддржат земјите вклучени во зачувување на концентрационите логори и логорите за истребување.

– На денешен ден пред една година, претседателот на Северна Македонија, проф. Стево Пендаровски присуствуваше на специјална меѓународна манифестација за одбележување во Израел заедно со уште четворица претседатели од Балканот и десетици претседатели од светот. Настанот беше организиран од израелскиот претседател Ревен Ривлин, по повод 75-годишнината од ослободувањето на логорот на смртта Аушвиц. Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот секоја година се одбележува во Северна Македонија, исто како и во Израел и многу други земји низ светот. Покрај тоа, обете наши земји го одбележуваат датумот на кој македонските Евреи биле собирани од своите домови, префрлени во монополската фабрика за тутун и потоа испратени во логорот на смртта во Треблинка – во кој никој од 7144-те македонски Евреи, не преживеал, вели Др Рејчел Леви Друмер родена во Македонија, единствената наследничка на фамилиите Леви и Абраванел.

Меморијални настани во Македонија се случуваат во последните неколку години во трите главни градови во кои стотици години постоеа големи еврејски заедници: Скопје, Битола и Штип. Овде беа основани меморијални центри, а дополнителни центри се развиваа и во последните години.

Во Скопје меморијалните настани се фокусирани околу Музејот на Холокаустот кој беше основан по основањето на Фондацијата за Холокаустот од страна на Македонија и еврејската заедница. Главните цели на основањето на фондацијата се да се зачува сеќавањето на заедницата која беше истребена како и продлабочување на свеста за Холокаустот и рехабилитација на значајните еврејски места низ Македонија, од кои најистакнати се најголемите антички гробишта на Балканот во Битола.

Во 2015 година, на иницијатива на амбасадорот Дан Оријан, започна реставрацијата на гробиштата во Битола.

Остварувајќи ја целта на оваа иницијатива за обновување на 500-годишните еврејски гробишта и избегнување на нивно пропаѓање, обновена е околу една третина од областа на гробиштата, а околу 4000 надгробни споменици со импресивни текстови се откриени и исчистени, што ги прават гробиштата „книга со отворен живот“ на исчезнатата заедница. Овој проект има посебно значење бидејќи денеска нема ниту еден Евреин во Битола, местото каде што значајна и многу активна еврејска заедница опстојуваше повеќе од илјада години, вели Друмер.

Според конечниот план, гробиштата ќе станат „сеќавање на исчезнатиот живот“ и меморијален парк за загинатата заедница, каде што треба да се постави и специјалниот споменик во форма на огромен сончев часовник што бил изграден од еврејскиот уметник роден во Македонија, Мати Гринберг.

– Спонтано овој проект повлече и значителен бран на туристички посети –луѓе кои се заинтересирани за овој вид историски атракции и кои сакаат да ја проучат еврејската историја во Битола.  Од  2017, на 11 март – денот на комеморацијата, започнавме да одржуваме специјални меморијални настани како Марш на животот во Битола,  на кој присуствуваа и маршираа и високи министри и владини претставници од Северна Македонија и Израел и стотици луѓе, вели Друмер.

Заедно со маршот на животот во Македонија, предводени од амбасадорот Дан Оријан,  се одржуваат и разни други активности во областа на иновациите, технологијата, културата и образованието во врска со еврејската заедница од Битола и Македонија.

Во 2020 година Маршот на животот и некои други проекти беа подготвени, но се откажаа поради коронавирусот.

Исто така и двата големи меморијални центри во Северна Македонија, Музејот на Холокаустот во Скопје и обновениот дел од еврејските антички гробишта во Битола, не се отворени и се избегнуваат посети.

Др Друмер потсетува дека годинава наместо Маршот на животот, за време на еврејскиот празник Ханука се одржа проектот „Светло на сеќавање и надеж“.  Последната ноќ на Ханука според еврејската традиција се палат по осум свеќи на секоја менора, така што таа ноќ беше избрана за меморијалниот проект наречен „1000 Менори“.

Менорите во Македонија беа подготвени на иницијатива на амбасадорот Оријан и израелското МНР и млади со посебни потреби, а главното осветлување на менора беше од страна на претседателот Пендаровски и претседателот на Еврејската агенција, Исак Херцог.

Иницијативата да се осветли сеќавањето на македонската еврејска заедница што загина во холокаустот се прошири  и низ Израел и целиот свет.  Над десет илјади менори биле запалени во Израел, а проектот добил поддршка од секаде – луѓето праќале слики и видео од осветлувањето на менори од САД, Јужна Америка и низ цела Европа и Азија.

– И покрај рестрикциите поради коронавирусот, постојат и виртуелни начини да се запомни и да се зачува сеќавањето на загинатите македонски Евреи, дури и кога физичките проекти се во мирување.  Оживувањето на споменот на еврејската заедница во Битола, кое започна со проектот за обновување на гробиштата,  расте од 2015 година и не запира. Во Израел беше формирана заедница на потомци на Евреи од Битола и Македонија, со околу 2000 членови, која активно ја раскажува приказната за заедницата што загина вели Друмер и се надева дека наскоро музеите ќе бидат отворени, а меморијалните паркови ќе примаат туристи, за никогаш да не се заборави и да не се повтори Холокаустот.