Лидија Неделкова: Некој не ме сака во судскиот систем – ММС
ММС

Објавено на: 01/27/21 3:28 PM

Лидија Неделкова: Некој не ме сака во судскиот систем

Поранешната претседателка и актуелна судијка во Врховниот суд, Лидија Неделкова, пред Основното јавно обвинителство – Скопје поднела кривична пријава против тројца членови на Судскиот совет за злоупотреба на службената положба. Според Неделкова, тие ја искористиле положбата да влијаат на постапката која се води против неа по поднесена претставка од сега веќе разрешениот судија Јово Вангеловски.

„Се работи за една од повеќето пријави кои што Вангеловски ми ги поднесуваше пред сè заради нетрпеливост околу еден случај. Во таа постапка Комисијата донесе одлука за запирање, но таа одлука не може да запре. Ова сега ќе оди кон конечниот исход, изјави Неделкова во „Утрински брифинг“.

Таа вели дека во судството е од 1994 година и дека ги предводела реформите.

„ Мислам дека се работи за политички притисок, бидејќи зошто токму сега кога се прави реформа од страна на Министерството за правда каква врска има мојата постапка која е од 1.04.2019. Но јас сум голем „трофеј“.  Некој не сака да ме види во судскиот систем. Кога не можат да влијаат врз вас не им требате во судскиот систем“, вели Неделкова.

Говорејќи околу судските реформи Неделкова посочува дека целата операција започнала со непотребни квалификации.

„ Не може за судиите да велите дека ќе ги прочистите. Тоа е несоодветен израз. Секој ден контактирам со судиите и сите се плашат“, рече Неделкова.

Таа апелира оценувањето на судиите за застарени предмети да се прави внимателно.

„Вчера добив во распоред да работам предмет од 2017 година, за судење во разумен рок, кој го работеле четворица судии, и сега јас треба да го решам и утре Судски совет да ми рече, ти четири години не си го решила, сега ќе те разрешиме. Затоа апелирам на едно внимание, на еден сериозен пристап“, изјави Неделкова во „Утрински брифинг“.

фото-независен весник