Заменик претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, не одговори конкретно на новинарското прашање, дали ќе биде разрешен директорот на Струшката болница, Мухамед Асани, гинекологот кај кого Државниот санитарен инспекторат дома најде нерегистрирана гинеколошка ординација.
,,Ние сме први што објавивме и побаравме да се расчисти случајот, работевме деноноќно случајот да се расчисти до крај, да влезат инспекторите внатре, да се констатира состојбата, експресно беше дадено решение за забрана за вршење на дејноста.Треба да се почекаат сите информации и да се донесат сите други одлуки. Покажавме и докажавме дека се преземени мерките кои ги констатиравме низ владините постапки и дека треба да се преземат они санкции кои што ги има во кодексот а се однесуваат на санкции кои што Премиерот е овласте да ги дефинира или изрече.
Во секој еден случај ние тие ги употребивме, за секој еден случај и постапка, не навлегувајќи во одговорноста, кривична и немешајќи се во работата на институциите.Таму треба да се заврши професионално, стручно, законски целата работа. Меѓутоа тука треба да го имаме и наодот од стручниот надзор на самата болница. Информациите што ги добиеме, веднаш ќе ги сподилеме со јавноста,“ изјави Николовски.
Тој потсети на она што вчера беше донесено како одлука -решение за забрана за работа на ординацијата како и постапката, поведување иницијатива пред ОЈО, се’ она што го овозможува кодексот и законите, должни се да го направат.
Сепак реакциите на јавноста се насочени на фактот дека надзорот на болницата го спроведува Лекарската комора чии член е и докторот Асани .
Реакциите се уште поголеми и на одлуката на ДСЗИ да му издаде решение за забрана за вршење здравствена дејност во ординација која воопшто не била регистрирана, што значи дека не би требало ниту да има решение за вршење на дејност или ако веќе имал решение, кој и како му го издал.