Евиденција на точни податоци за вистинските сопственици на правните субјекти. Ова е целта на новиот регистар на вистински сопственици кој ќе се поврзе со регистарот на население, што според надлежните, ќе отвори нова слика за структурата на македонското стопанство.
Постоечките субјекти имаат рок од 90 дена да ги внесат податоците, а потоа секоја промена на сопственичката структура ќе треба да ја пријават во рок од 8 дена. Уписите извршени во законските рокови се бесплатни, соопшти попладнево на прес конференција директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски.
„Пријавата може да ја поднесе застапникот по закон на субјектот, но за тоа може да овласти и регистрационен агент или кое било друго лице што име електронски потпис. Доколку вистинскиот сопственик е државјанин или странец со регулиран престој уписот се врши со едноставно внесување на ЕМБГ на граѓанинот, при што личните и адресните податоци се преземаат електронски од електронскиот регистер на населението. Пријавата се потпишува со електронски потпис и електронски се поднесува. Тоа одзема околу 10 минути. Целиот процес од почеток до крај се одвива во рамките на електронскиот систем без потреба од хартиени документи, скенирање или специјални одобрувања“, објасни Бошковска Јанковски.
Таа го оцени поврзувањето на двата регистри како своевидна револуција, која ќе пред се’ ќе овозможи заштеда на време за корисниците.
„Придобивката е што субјектите не мора да пријавуваат промена на личните податоци туку тие директно ќе се преземаат од регистерот на население и ќе се отсликуваат во регистерот на вистински сопственици. Тоа е современо решение со силен фокус на позитивното корисничко искуство. Подносителите ќе имаат упатства. Веќе спроведуваме и онлајн обуки за процедурата и условите за упис во регистерот. Досега над 200 потенцијални подносители ги посетиле овие обуки и ги повикувам сите компании да се пријават“, додаде директорката.
На прес конференцијата беше истакнато дека оние што нема да ги пријават податоците би можеле да се соочат со финансиски проблеми во своето работење. Според вицепремиерот, Љупчо Николовски новиот регистер ќе овозможи поголема транспарентност и појака борба против перењето пари.
„Со воспоставувањето на регистерот вистински сопственици, Централниот регистер се вклучува во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам. Целта на регистерот е да навлезе длабоко во сопственичката структура на правните субјекти за транспарентно да објави кој реално профитира од работата на компаниите скриен зад комплексната слоевита правна структура“, изјави Николовски.
Регистерот е обврска која произлегува од Законот за спречување пари и финансирање тероризам, но и од постоечката европска регулатива.
Вања Мицевска