Нинослав Јаковлевски од Битола и неговата девојка Елизабет Њаупа Карта од Перу се „травел инфлуенсери“ кои своите патешествија од разните туристички места ги снимаат и ставаат на својот „Youtube“ канал. Нино (29), кој израснал во Битола, долго време работел на бродови за крстарење за Американската компанија „Carnival Cruise lines“. Елизабет( 34), доаѓа од чудесната земја Перу, која изобилува со впечатливи места. Двајцата моментално се во Битола заради ковид пандемијата, а својот престој тука го искористиле да направат и видео од градот на конузлите за својот „Youtube“ канал.
Нино и Елизабет се заедно четири години, а нивната љубовна приказна започнува на еден од крузерите.
-Се сретнавме на вежба за безбедност , почнавме да разговараме, да се дружиме, да излегуваме и на крајот се случи нешто повеќе. Различностите се голема работа, но и мала. Иако сме далеку како континенти, сепак сме исти. За многу работи размислуваме исто, емотивно сме исти, се пронајдовме за многу работи на иста фреквенција. Јас во Перу бев девет месеци, луѓето многу не зборуваат англиски, имав мали познавања на шпански, но после девет месеци научив да зборувам перфектно, можев да комуницирам со луѓе, да уплаќам во банка и слично. Елизабет кога дојде тука, беше воодушевена од убавината во Македонија, многу и се допаѓа, научи да чита и да пишува.
Нино раскажа дека за време на работата на крузер имал шанса да посети многу светско познати туристички места од каде се родила неговата желба за фотографија и видео. Елизабет исто така работела на крузер и нејзината кариера е од областа на туризам и менаџмент, познавање на сите работи кои што го опфаќаат туризмот почнувајки од организирање на патувања, авио билети, хотели, различни видови транспортација за туристи на туристички атракции, организирање и реализирање на туристички тури. Токму тоа ги прави да бидат комплетни и успешни како тим на „Youtube“ видео креатори или инфлуенсери.
– Работејќи долги години на бродови за крстарење имав прилика да видам прекрасни земји, прекрасни атрактивни туристички локации ширум светот, да сретнам многу луѓе и да стекнам премногу нови несекојдневни пријателства ширум светот, да видам и да се запознаам со различни култури и традиции од целиот свет. Меѓутоа луѓето доагаат и си одат, ретки се тие кои се враќаат и остануваат повеќе време во вашиот живот. После години сретнав некој кој дефинитивно останува во мојот живот да биде тука – заедно со Елизабет се стремиме кон истите цели и исти соништа. Нејзината кариера и познавање во областа на туризмот, наоѓање на најекономични и воедно добри цени за авио билети, сместување, тури за туристички атракции, моето искуство од фотографија и видео и огромната желба за патување не состави и не направи перфектен тим (Ninsky and Elly Around the world) за да станеме она што сме денес, травел инфлуенсери на „Youtube“, раскажува Нино.
Досега патувале низ многу земји, на многу туристички места. Нино раскажа кои земји ги посетиле и кои се нивните следни дестинации.
-Работејки на бродови за крстарење имаме посетено многу земји ширум светот меѓу кои: Северна, Јужна или Латинска Америка, Шпанија, имаме посетено многу острови: Кариби и Бахами. Потоа Домениканската република, Сан Хуан, Порторико, Девските острови на САД, Атигва, Сент Мартенс, Гранада, Барбадос, Тринидад и Тобаго, Фрипорт, Насау, Туркс и Кајкос, Гранд Кањон, Јамајка, Аљаска, Канада, Мексико и ред други држави. Европа ни е наредна во план штом се регулира ситуацијата со Ковид 19. Дефинитивно планираме да ја посетиме Африка, исто така Азија и едно од најзанимливите места кое што сме сакале да го посетиме во иднина е дефинитивно Антартикот, вели Нино.
Досега, најубав и најголем впечаток му оставил Перу.
-Перу е една извонредна земја каде што никогаш не би помислиле што се е возможно да видите. Од убавиот долг Амазон, прекрасна џунгла со секакви видови животни, традициите на древните Инки и церемонијата на „Ayahuaska“, пустина каде што можете да сурфате на песок, една од најсувите области на земјината топка, пловечки острови, планината на боите, езерото Титикака, Куско и сите негови региони, Мачу Пикчу, извонредните традиции на древните Инки кои што денешните локални луѓе успешно ја одржуваат во живот. Сето ова го имаме снимано и ставено на нашиот „Youtube“ канал каде можете слободно да видите видео од горенаведените наши искуства и да ни дадете like и да се најавите на нашиот канал subscribe, вели Нино.
https://www.youtube.com/channel/UCSb_PKU9pZEqzFnjhSkLbew
Имаат следбеници од Јужна Америка, Австралија, Канада, од кои имаат позитивен фидбек затоа што даваат пореален приказ на местата кои што ги посетуваат. Се надеваат дека ќе ја придобијат и македонската публика.
Заради ковид пандемијата моментално се во Битола, а планираат да снимаат и видеа од Македонија.
-Корона аххх…целиот свет беше и се уште е во застој заради тоа, како времето да запре …Исто така не ефектираше и нас, и тоа многу. Овој проект почнавме да го планираме една година наназад со сите детали, да бидеме сигурни дека се ќе биде како што треба и како што сме планирале. Жртвуваме многу за да започнеме да го правиме ова и од финансиски аспект го имавме зачувано секое денарче да успееме да го реализираме нашиот долгопланиран проект. Токму после 9 месеци работа на брод конечно ја започнавме нашата авантура и го започнавме нашето прво патување низ Перу. Еден месец буквално го живеевме нашиот сон, патувавме низ многу интересни места и снимавме интересни видеа, меѓутоа кога требаше да се вратиме назад во Македонија да снимаме тука, па да продолжиме низ Европа, потоа низ Азија, токму во тој момент ковид стана многу силен и ги затворија сите аеродроми, па бевме принудени да останеме во Перу во наредните 9 месеци, додека на 13 ноември конечно ги отворија границите и ни беше овозможено да се вратиме во Македонија. Моментално имаме направено неколку видеа во Битола и во блиска иднина ќе патуваме низ нашата чудесна Македонија и ке споделуваме видео од нашата чудесна земја, вели Нино.
https://www.youtube.com/watch?v=bSr4csAtmxc
Како што вели тој, цврто ги следат своите соништа и ништо нема да ги запре во нивното остварување, па дури ни корона вирусот. Кога се ќе се врати во нормала, планираат втор проект на нивниот канал, за кој велат дека засега ќе остане тајна. За крај порачуваат:
-На нашите следбеници би им препорачале да ги пратат нашите авантури на „Youtube“, да веруваат во себе, ништо не е невозможно, да сонуваат лудо и да се стремат кон своите соништа без разлика на сé, да го прават тоа што ги прави среќни и како ние што би рекле, нашето мото -Worry less Travel More!
Маја Богоевска