Оставка на Конте и италијанската Влада – ММС
ММС

Објавено на: 01/26/21 8:55 PM

Оставка на Конте и италијанската Влада

Премиерот на Италија, Џузепе Конте, и неговата влада поднесоа оставка по владината криза до која дојде со распадот на владејачката четирипартиска коалиција, известува агенцијата Анадолија (АА).

Соочувајќи се со ризик да го загуби мнозинството во парламентот, втората Влада на Конте мораше да поднесе оставка откако помалиот партнер на коалицијата, партијата Италија Вива (Ив), на 13 јануари ја напушти Владата.

Конте утрово го свика својот кабинет на состанок во Владата и ја најави својата оставка, заблагодарувајќи им на министрите за соработката.

По состанокот на Советот на министри, Конте заминал во претседателската Квириналска палата и на претседателот Серџо Матарела му ја поднел оставката.

Во соопштението што го објави Претседателството се вели дека претседателот Матарела ја примил оставката на Конте и од утре планира да започне политички консултации со партиите застапени во Парламентот, со цел надминување на владината криза.

 

– Можни сценарија

Претседателот Матарела на консултациските средби ќе процени дали пред вообичаената процедура за свикување предвремени избори, постои мнозинство за формирање влада со сегашната парламентарна аритметика.

Во вестите објавени на италијанските медиуми се вели дека Конте поднел оставка со цел да воспостави коалиција што би имала посолидно мнозинство во Парламентот под негово раководство, овозможувајќи му на претседателот Матарела да одржи консултации по ова прашање.

Формирањето нова влада на Италија под водство на Конте на состанокот што утрово се одржа во Владата го поддржаа партијата Движењето 5 ѕвезди, Демократската партија и партијата Слободни и еднакви.

За освојување апсолутно мнозинство во Парламентот, особено во горниот дел на Сенатот, партиите Движењето 5 ѕвезди, Демократската партија и партијата Слободни и еднакви имаат потреба да бидат поддржани од нова партиска група. Владее мислењето дека не постои можност овие три партии повторно да се обединат со партијата Италија Вива, која ја раскина коалицијата.

Наспроти ова, според сценаријата објавени во печатот, доколку Конте не успее да формира влада, тогаш Движењето 5 ѕвезди, Демократската партија и партијата Слободни и еднакви би можеле да воспостават нова влада на чие чело би бил некој технократ или би се формирала технократска влада која би била поддржана од повеќе партии.

Во медиумите, како можни кандидати за нов италијански премиер се појавуваат Марио Драги, поранешниот претседател на Европската централна банка и Карло Котарели, економист и поранешен шеф на Канцеларијата на ММФ во Турција.

Доколку ниту една од овие можности не се случи, тогаш постои можност нормалниот законодавен период на Владата, што треба да заврши во 2023 година, да биде прекинат од страна на актуелниот претседател на државата и да се оди на предвремени избори.

Екстремно десничарските партии, кои според анкетите за јавното мислење во Италија се меѓу првите три опозициски партии, заедно со партијата Италија Вива повикуваат на предвремени избори.