Отровен сусам од Индија влегол и во Македонија, но бил откриен и уништен на Дрисла – ММС
ММС

Објавено на: 01/26/21 4:55 PM

Отровен сусам од Индија влегол и во Македонија, но бил откриен и уништен на Дрисла

Од Агенцијата за храна и ветеринарство преку соопштение денес потврдија дека отровниот сусам кој доаѓал од Индија, а кој бил вратен од српската граница, бил присутен и во земјава, при што биле преземени конкретни мерки.

„Како контакт точка за Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија, Агенцијата за храна и ветеринарство има добиено три нотификации за увоз на небезбеден сусам по потекло од Индија, во кој е утврдено присуство на резидуи од пестицид – етилен оксид. Постапено е по две нотификации, а за третата од јануари годинава постапката е во тек,“ се вели во соопштението.

По приемот првата нотификација во септември минатата година (23.09.2020година) инспекциските служби на Агенцијата презедоа мерки согласно законските надлежности. Извршена е вонредна инспекциска контрола кај увозникот. Небезбедниот производ во количина од 280 килограми е повлечен од промет и безбедно поништен на депонијата Дрисла.

„Во вториот случај, при примената нотификација на 06.11.2020 година, направена  е контрола во магацините на увозникот на сусам за нашава земја и утврдено е дека небезбедните лотови од производот, наведени во нотификацијата, не се најдени во магацините,“ се додава во информацијата од АХВ

Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата и спроведува континуирани контроли. Доколку се јави потреба, навремено ќе се реагира согласно законските надлежности.