Владата бескомпромисна за барањето за амнестија, разговорите со опозицијата продолжуваат – ММС
ММС

Објавено на: 07/19/18 3:41 PM

Владата бескомпромисна за барањето за амнестија, разговорите со опозицијата продолжуваат

Му даваме шанса на дијалогот, компромиси нема за стратешките цели на Република Македонија, амнестија нема – изјави премиерот, Зоран Заев по денешната лидерска средба во Клубот на пратеници. Тој истакна дека со останатите тројца партиски лидери разговарале за повеќе суштински прашања поврзани со претстојниот референдум, но и со претстојниот избор на Државната изборна комисија.

„Тоа што сакам да го кажам, а истовремено уште една да потсетам, е дека стратешки цели на нашата Република Македонија, и на сите парламентарни партии во Собранието на Република Македонија, се полноправното членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО. Компромиси нема за стратешките цели на Република Македонија. Амнестија, директна или индиректна нема. Ќе му дадеме шанса на дијалогот и на разговорот сè додека тоа е возможно. Секако, при тоа Парламентот продолжува да работи, и разгледувањето на измените и дополнувањата на изборниот законик, продолжува во комисиите на Парламентот. Напоменувам, очекувам на лидерска средба да се договори и имплементацијата на ДИК“, додаде Заев.

Тој најави дека разговорите со опозицијата ќе продолжат најверојатно во недела навечер или во понеделник наутро.