Се породи актерката, Ирена Илиевска. Среќната вест за мајчинството таа ја соопшти попладнево на социјалните мрежи каде објави дека родила девојче.
Чувствувам лавина од емоции! Огромна радост, збунетост…нешто сосема ново и тешко за артикулирање! Сакам да и кажам многу работи! Да и кажам дека целиот свет е нејзин! Да, мила, се е твое! Сиот свет! И се што е убаво во него – наведува актерката во објавата.
-Не дозволувај никој да те сопре! Бори се за тоа што го сакаш. Бори се за себе и своите сакани. Љуби! Вистински. Со страст. Со целото свое срце. Не ја штеди љубовта, зашто само љубовта кога ќе ја поделиш на две, добиваш две цели, а не две половини! И љуби се себеси. Секогаш. Само така ќе останеш своја. Зашто ќе има се, дете мое. И убаво и лошо. Ти си родена за убавини. Секогаш нив одбирај ги – додава таа.
-Спортувај, убаво е за се, ќе ти покаже тато. Читај. Читај се што ќе ти дојде до рака. Биди љубопитна за се. Ќе ти ги приближам Петре М.Андреевски, Конески, Гане, Стефановски, Рацин…зашто тие се твои! Ќе ги гледаме Да Винчи, Караваџо, Гог, Микеланџело, Донатело, Родин…Слушај убава музика. Радувај му се на животот.Пеј! Секогаш и секаде. Тоа е лек за душата. Танцувај! Блескај. И биди човек! Зашто се друго е џабе, дете мое. И знаења и факултети и секакви достигнувања…се е џабе, ако не си човек – вели актерката во објавата.
Не се менувај поради некој или нешто! Живеј како што сакаш, дете мое, а не како што ќе те учи светот! И најважно од се, слушај се себе си! Понекогаш дури и родителите можат да погрешат. Добре дојде дете наше, добре дојде и живеј убаво – додава Ирена.
Таа објави дека бебето ќе се вика Ева, а претходно во интервју за ММС изјави дека новиот живот и’ дава сила да го преврти светот!