Оние што сакаат да продолжат со високо образование ќе мора да полагаат државна матура – Царовска не отстапува – ММС
ММС

Објавено на: 01/26/21 1:23 PM

Оние што сакаат да продолжат со високо образование ќе мора да полагаат државна матура – Царовска не отстапува

Матурата е законска обврска за оние што сакаат да продолжат со високо образование. Средното образование е задолжително, но и матурата како државна е задолжителна. Оние кои не сакаат може да си полагаат училишна, но за да се продолжи на факутлетот условот е државната матура – изјави денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска. Таа денеска потенцираше дека учениците што не сакаат да ја полагаат државната матура имаат друг избор за да го заокружат средното образование.

„Лани не се обезбеди полагање и голем дел од учениците што сакаа да се запишат на реномирани универзитети надвор од државата не успеаја во тоа. Ние имаме обврска да обезбедиме остварување на тоа право кое е изборно, а  не задолжително“, додаде министерката. Одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира тврдењата на средношколците дека се соочуваат со притисоци, таа истакна дека доколку има таков или пак, случај на врсничко насилство училиштата и родителите треба да поразговараат со децата и тоа да го пријават.

Претходно Средношколскиот сојуз потенцираше дека не отстапува од барањето државната матура да има испити по два предмета (мајчин јазик и предмет од областа која матурантот планира да ја студира). Според досегашните податоци, оваа учебна година за полагање дравна матура се пријавиле над 15.000 ученици. Сепак, според Сојузот тоа е така бидејќи кога се пријавувала матурата учениците воопшто не биле сигурни дали таа воопшто ќе се одржи.

Полагањето на матурата стана тема и на политички препукувања. Од МОН ја обвинија опозицијата дека се обидела  да профитира политички на маката со учениците. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, возвратија дека образованието во земјава е во целосен колапс, а учениците немаат ниту елементарни услови за да ја следат наставата.

 

Вања Мицевска