Три лица се обвинети во врска со случајот со четиринаесетгодишното девојче кое абортираше, а кое беше штитеничка во домот „25 Октомври“.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до надлежен суд поднесе Обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело Трговија со дете од член 418 г став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека две лица – корисници на сексуални услуги се обвинети за кривично дело Трговија со дете од член 418 г став 4 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
По спроведување на опсежна истражна постапка и прибирање на обемен доказен материјал, обвинителството утврди дека во период од почетокот на декември 2017 година до 06.02.2018 година, во Кавадарци, Радовиш, Штип и с. Мислешево – струшко, прво обвинетата, со употреба на сила, сериозна закана и измама ја искористила немоќта на детето кое немало наполнето 14 години. Обвинетата заради експлоатација по пат на користење во сексуални активности, за паричен или друг надоместок ја превезувала, ја продавала, ја нудела на продавање, ја засолнувала и организирала присилен брак на детето.
Другите обвинети, иако знаеле дека детето е жртва на трговија со луѓе, ја искористувале и овозможувале на друг повеќекратно искористување за сексуални услуги, со што го сториле кривичното дело за кое се товарат.
Како резултат за злоупотребата, детето останало бремено и било принудено да ја прекине бременоста.
Поради постапките на обвинетите детето во одреден временски период имало нарушена здравствена состојба, душевно трпело и чувствувала физичка болка од нанесени телесни повреди.
Заедно со Обвинителниот акт, надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судот достави и Предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети – информираат од Обвинителство.