Пеп ја долови суштината: Проекти и идеи не постојат, ти мораш да победуваш за да не бидеш заменет – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/21 8:24 PM

Пеп ја долови суштината: Проекти и идеи не постојат, ти мораш да победуваш за да не бидеш заменет

Главната тема во фудбалскиот свет денес со сигурност доаѓа од „Островот“, откако Челзи го отпушти Френк Лампард и е пред прагот на ангажирање на поранешниот тренер на ПСЖ и Борусија Дортмунд, Томас Тухел.

Слабите резултати на лондонскиот клуб во Премиер Лигата и регресирањето на тимот во однос на минатата сезона, го натераа Роман Абрамович да „пресече“ и да направи, за него не толку невообичаен потег.

Германецот утре слетува во Англија, а како што пренесуваат медиумите тој веќе од среда би можел да се најде на клупата на Челзи на „Стемфорд Бриџ“ против Волвс.

Во пресрет на 20-тото коло во најдобрата светска лига и гостувањето во Бирмингем, стратегот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, беше запрашан кое е неговото мислење за отказот на Лампард. Гвардиола како и секогаш, јасно и концизно ја долови суштината, покажувајќи емпатија со играчката премиерлигашка легенда.

-Луѓето често зборуваат за проекти, идеи. Тие не постојат. Ти мораш да победуваш, доколку не победуваш ќе бидеш заменет. Се надевам дека ќе го видам Лампард наскоро и дека ќе одиме во ресторан штом карантинот во државата заврши, изјави Гвардиола.

Челзи по 19 кола се наоѓа на деветтата позиција на табелата.