Во кабинетот на Обединетите нации (ОН) во Женева започна петтиот круг преговори на Уставотворната комисија на Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Новиот круг преговори започна со состанокот на 45-члениот одбор за пишување.
Членовите на т.н. „Мала група“, надлежна за пишување на Уставот, што се состои од 15 членови на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, 15 членови на невладини организации и 15 членови на сириската опозиција, се состанаа во Женева.
Сесиите од првиот ден ги предводи специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Геир О. Педерсен.
Состанокот поради пандемијата на коронавирусот е затворен за медиумите, а влезот е дозволен само за камерманите и фоторепортерите на ОН.
Главна тема на петтиот круг преговори се основните принципи на Уставот.
На состанокот опозицијата ја претставува Хади ал Бахра, поранешен челник на Националната коалиција на сириските револуционерни и опозициски сили, додека копретседавањето во име на режимот го води правникот Ахмад ал Кузбари.
Состаноците на Уставотворната комисија на Сирија ќе траат до петок.
Педерсен на прес-конференцијата одржана на 22 јануари изјави дека петтиот круг преговори е особено важен.
Ги повика страните да започнат да го пишуваат Уставот и наведе дека меѓународната соработка е неопходна и за ставање крај на војната во Сирија.
Четвртиот круг преговори се одржа од 30 ноември до 4 декември 2020 година.