Штипските пожарникари ќе добијат поголеми плати-Основната од 15.000 се зголемува на 20.000 плус додатоците што им следуваат по закон – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/21 3:45 PM

Штипските пожарникари ќе добијат поголеми плати-Основната од 15.000 се зголемува на 20.000 плус додатоците што им следуваат по закон

Неправдата е исправена, штипските пожарникари и официјално добиваат повисока плата. Извршена е корекција на плаќање на 20 отсто согласно Законот за пожарникарство, пресметаните јануарски плати на пожарникарите, во февруари ќе бидат пресметани, поточно коригирани, со нов бод, штипскиот градоначалник, Сашко Николов денес пред пожарникарите го потпиша новиот правилник за пресметување на нивните плати.

„ По потпишување на правилникот, бодот на плати којшто досега беше 76.93, сега е 81.6.
Со ова исправивме една неправда којашто се провлекуваше низ годините наназад. Имено, до 2017 година, ништо не беше решено во поглед на исплатите коишто на пожарникарите им следуваа по Закон,“ информираше Николов.

Таквата неодговорност ја чинеше општината, 20 милиони денари, пари коишто таа ги исплати по однос на тужби од ТППЕ. Толку ги чинеше и граѓаните затоа што  општината не го почитувала Законот за пожарникарство и не им ги плаќала надоместоците на плати предвидени со тој закон, додаде Николов.

Со дел од пожарникарите кој на суд си ги барале парите, општината се спогодила и ја исплатила главнината на долгот, останатите средства завршиле за исплата на судски трошоци и извршители.

„Со овој чин што го направија општината и Градоначалникот, ние веќе како пожарникари го добиваме местото што го заслужуваме во системот, во општеството. Нам ни останува понатаму професионално да си ја вршиме нашата работа,“ вели командирот на ТППЕ Штип, Тони Атанасов.

Штипските пожарникари ќе имаа повисока плата за околу 5000 денари. Од независниот синдикат на пожарникари, се задоволни што ќе ги добиваат и сите надоместоци.

„Оваа зголемување значи многу за пожарникарите, посебно  што по толку години неправдата е исправена,“ вели Славе Делев од Независниот синдикат на пожарникари.

Општина Штип е втора општина по Град Скопје, којашто  го реши проблемот со Пожарникарите.

В.Кр