Поради пандемијата на Ковид-19 одложен турнирот во мал фудбал во чест на Тоше Проески – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/21 1:44 PM

Поради пандемијата на Ковид-19 одложен турнирот во мал фудбал во чест на Тоше Проески

Поради пандемијата на коронавирусот традиционалниот Меморијален турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески е одложен, со цел да се заштити јавното здравје на граѓаните, информира Општина Карпош.

Локалната самоуправа на Општина Карпош, секоја година го организира Турнирот во мал фудбал во чест на Тоше, во соработка со здружението на стопанственици – Власи, „Мандра“. На овој спортски натпревар учествуваа екипи од Нова Градишка (Хрватска), Серес (Грција), Карпош, Крушево, неколку места кои беа значаен белег од животот на Тоше, како и тимови од неколку приватни компании.

„ Тоше, во последните години од својот живот беше граѓанин на Општина Карпош, како жител на населбата „Свети Јован“ во Злокуќани. Општина Карпош продолжува да го негува споменот на нашата музичка ѕвезда, кој беше и остана синоним за многу доблести, симбол на хуманост и солидарност“, се вели во соопштението.

Од Опоштината посочуваат дека преку хуманитарните и спортски натпреварувања се сеќаваме на споменот на Тоше Проески, а на младите се пренесува неговиот дух да бидат подобри граѓани во заедницата.

фото-фб