Дел од станарите на опожареното Старо забавиште останаа во објектот, дел се сместени по куќи, другите ќе се враќаат во општините од каде дошле – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/21 1:27 PM

Дел од станарите на опожареното Старо забавиште останаа во објектот, дел се сместени по куќи, другите ќе се враќаат во општините од каде дошле

Општина Штип, заедно со Министерството за труд и социјална политика, Центарот за социјални грижи и Црвениот крст, сместија по куќи дел од семејствата кои што се затекнаа во петокот во опожарената куќата, позната како Старото забавиште, информираше денеска градоначалникот на општина Штип, Сашко Николов.

„ Веќе обезбедивме сместување по куќи  на дел од овие наши сограѓани, дел од луѓето  се останати во куќата, зошто со пожарот беше зафатен само дел од куќата. Останатите станари кои што се затекнати не се жители на општина Штип, тоа се луѓе кои што на нелегален начи дошле и останале во нашиот град, не се пријавени во Полиција за евидентирање дека се жители или пријавени за привремен престој,“ изјави Николов.

Зградата во која што во петокот избувна пожар е во сопственост на Јавното претпријатие за станбен и деловен простор..

„ За жал општината нема ингеренции за решавање на вакви ситуации и уште полошо, поголемиот дел од луѓето кои што беа затекнати на местото на пожарот беа вселени на диво. Ниту Јавното претпријатие нема ингеренции да се справува и решава проблеми за дивовселени станари а плус и дел од нив не се ниту жители на Штип,“ додаде Николов.

„Понатаму ќе делуваме во правец да секој, од каде  потекнува да се врати во својата општина, таму да го бара решението, бидејќи ние мораме да се грижиме за сопствените граѓани, како локална самоуправа и приоритет за нас секогаш ќе бидат нашите сограѓани. Сепак во оваа ситуација од социјален аспект, апсолутно ќе се грижиме за сите луѓе кои што се затекнати на лице место на незгодата,“ смета Николов.

Во куќата позната како Старо забавиште, пожарот избувнаво петокот околу 8.30 часот.Оваа куќа  беше дом на осум семејства со деца. Сите успеале навреме да ја напуштат, меѓу распалениот оган, кој излегувал од секаде. Стaнарите сведочеа дека пожарот ги фатил на спиење.