Обвинителството предлага парични казни за групирање на приватна прослава во Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/21 10:33 AM

Обвинителството предлага парични казни за групирање на приватна прослава во Скопје

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против осум лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите, на возраст од 18 до 22 години, на 8 јануари биле затекнати на приватна прослава на улицата „Васил Ѓоргов“, во домот на една од обвинетите. На истата прослава биле затекнати и седум малолетни лица, за кои ќе се спроведе постапка согласно Законот за правда на децата.

Со ова, обвинетите постапиле спротивно на прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за спречување на ширењето на опасна заразна болест, а кои се однесуваат на забрана за одржување на прослави на отворен и затворен простор во периодот од 18.12.2020 до 21.01.2021 година, соопштија денеска од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје за обвинетите полнолетни лица да изрече парични казни од по 100 дневни глоби, со поединечна вредност на дневната глоба од 20 евра.​​