„Борец ти си наша партија” извикуваше навивачката група „Гемиџии” од Велес додека два часа попладнево ја блокираше главната градска улица „Благој Ѓорев” пред зградата на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот”.
Протестот е во знак на донесените одлуки на последното Годишно изборно собрание на Општинскиот фудбалски сојуз. Според Ристе Најдов, навивачите протестираат со цел ФК „Борец” да остане во првата македонска лига, да има еден клучен делегат во ФФМ и тројца делегати во Општинскиот фудбалски сојуз.Гемиџиите понудија да бидат медијатори помеѓу спонзорот на ФК „Борец”, сопственикот на компанијата „Брако”, Кочо Анѓушев и старо-новиот претседател Лазе Ракиџиев како и раководството на Општинскиот фудбалски сојуз.
– Ќе изготвиме Меморандум доставен до двете страни, ќе бидеме мост помеѓу двете страни, нема да завземе страна или некого да напаѓаме. Повторно ќе кажам го браниме интересот на ФК „Борец”. Тие тоа можат доколку сакаат, додаде Најдов.
На последното Изборно годишно собрани на ОФС Велес одржано пред седум дена, не беше избран ниту еден претставник на ФК „Борец” помеѓу четворицата избрани делегати што ќе ги претставуваат интересите на велешките фудбалски клубови, во Фудбалската федерација на Македонија.Тогаш спонзорот Анѓушев го најави своето повлекување од клубот.
Инаку, додека протестираа навивачите на велешките спортски клубови држеа транспаренти во раце на кои пишуваше : „Од нашите си патиме”, „За пусти пари проклети”, „ОФС профитери” додека ја пееја македонската народна песна „Абре Македонче”.
Стефани Манева


