Новата година почна со старите проблеми за штипските активисти за заштита на животните. Нивното здружение веќе регистрирало четири случаи на отруени кучиња од кои едното е домашен миленик. Додека неговиот сопственик да обидува да дознае дали во близина има безбедносни камери на кои ќе се види кој е оној што му пресудил на кучето, активистката Кристина Ќосевска вели дека оваа ситуација и’ се одразува на менталното здравје.
„Разочараноста од однесувањето на поединци и тагата по кучињата за кои со месеци сум се грижела лошо ми влијаат на психата. Ги хранам кучињата, ги лекувам со терапии што ги купувам со сопствени средства, а плаќам и за нивна стерилизација и на крај некој ќе реши дека тие треба да умрат“, раскажува Кристина за Македонски медиа сервис.
Оваа млада активистка вели дека секој ден и’ почнува на терен, заедно со нејзината сограѓанка Дијана, која исто така се труди да им помогне на бездомните животни. Случаите ги пријавиле и во полиција, но сепак нема разрешница. Во последно време труењето на кучињата е најзастапено кај местото викано Новакова чешма, каде нема голема фреквенција на луѓе. Пред три месеци за време на викенд биле отруени дури 13 кучиња, од кои мајка со 6 мали.
Ќосевска потенцира дека дел од бездомните животни ги носат во локалниот стационар каде се сместуваат животните заловени од ветеринарите, но сепак тие им дозволиле на активистите таму да ги сместат и оние што тие ги собираат од штипските улици. Токму таму на сопствен трошок и со помош на донации, активистите се грижат за нивната благосостојба за да бидат изолирани и да не бидат изложени на ризик, но како што велат – граѓаните секогаш ќе најдат причина за критика.
Ќосевска споделува дека при крајот на изминатата година биле отруени кучиња кои имале свои сопственици.
„Јас никогаш во животот не сум видела маж од околу шеесет години да плаче како мало дете. Неговата сопруга се затвори во себе, не сакаше да зборува. Тоа беа нивни миленици и тие останаа шокирани кога ги затекнаа отруени. Секој месец собираме мртви тела на животни и веќе е неиздржливо“, додава таа.
За ваков сличен случај Македонски медиа сервис објави и пред седум месеци кога во Штип се труеја кучиња за време на карантинот,а здружението апелираше до штипјани доколку им нема некој од маалските миленици да пријават кај нив. Труењето на животните инаку е казниво дело според домашната законска регулатива. Имено член 4 од Законот за заштита и благосостојба на животните предвидува забрана за предизвикување на болка, патење или повреди, сурово и нехумано однесување и убивање на животните во спротивност со законските одредби.
Вања Мицевска