Актерката, Ива Илинчиќ денеска четири часа даваше исказ во Вишото јавно обвинителство во Белград во врска со сексуалното злоставување што тврди дека го доживеала од професорот по глума, Мирослав Мика Алексиќ. Актерката на сослушувањето дојде со своите адвокати Југослав Тинтор и Денис Бечириќ, но и со својот татко.
Сведочењето и’ падна многу тешко и додека го даваше исказот неколку пати се расплака, исто како и нејзината колешка, Милена Радуловиќ – пренесоа српските медиуми.
Давањето исказ беше прекинато неколку пати, за да може да одмори и да продолжи – објавија медиумите повикувајќи се на изјавите на адвокатите.
На излегување од Палатата на правдата, Илинчиќ одби да даде изјава за медиумите, додека нејзините адвокати укажаа дека во интерес на тајноста на истрагата не може детално да ја откријат нејзината изјава. Сепак, тие се оптимисти во однос на исходот од постапката против Алексиќ.
Адвокатите ја поздравија заинтересираноста на медиумите бидејќи сметаат дека после овој случај веќе ништо нема да биде исто, апелирајќи на внимателност во известувањето поради чувствителноста на случајот.
Следната недела се очекува исказ да дадат уште неколку девојки кои тврдат дека се оштетени.
За потсетување, пред Ива, исказ даде актерката Милена Радуловиќ. Таа претходно во јавноста објави дека Алексиќ првпат ја силувал во ноември 2012. година кога таа имала 17, а тој 61 година.
Алексиќ исто така беше сослушан во Обвинителството, негирајќи вина. Одреден му е притвор и осомничен е за осум силувања и седум кривични дела за недозволени полови дејствија.
Фото: Republika RS / V.Lukic
Извор: rtv.rs