Меѓу експонатите во вчера отворената спомен-соба на Киро Глигоров во Штип и неговото биро и клавирот на Нада Глигорова – ММС
ММС

Објавено на: 07/19/18 9:02 AM

Меѓу експонатите во вчера отворената спомен-соба на Киро Глигоров во Штип и неговото биро и клавирот на Нада Глигорова

ММС, 19.07.2018

 

Спомен-собата на првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија, во која има многу лични предмети на Глигоров, е отворена за сите граѓани, а се наоѓа во штипскиот Мултимедијален центар, кој од пред седум месеци го носи името на Киро Глигоров

Пишува: Љупчо Шатевски

Многу оригинални документи, факсимили, фотографии, лични документи, ордени, признанија, предмети и подароци што ги добивал, како и неговата домашна работна маса и клавирот на сопругата Нада, најдоа место во спомен-собата на првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија, Киро Глигоров (1917-2012), која вчера беше отворена во Штип, неговиот роден град. Спомен-собата е во Општинскиот мултимедијален центар што со европски и општински пари се градеше пред неколку години на местото на некогашното летно кино, а од пред седум месеци Центарот го носи и името на Киро Глигоров.

Поставка според сите стандарди

Премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на свеченото отворање, истакна дека спомен-собата ќе ги чува спомените на ликот и делото на Глигоров како инспирација за денешните и за идните генерации, а штипскиот градоначалник Благој Бочварски се заблагодари на семејството на Глигоров и на неговата ќерка Донка Глигорова што отстапиле многу негови лични предмети кои сега ќе може да ги видат сите заинтересирани граѓани.

Присутните на свеченото отворање на спомен-собата

– Многу се радувам на отворањето на ова катче. Каде и да живеел, татко ми секогаш го носеше Штип во себе. Така беше и кај нас дома. Секогаш знаевме дека потекнуваме од овде, па ова сега ми е како враќање дома. Поставката е направена според сите стандарди и се надевам дека ќе има интерес од граѓаните на Штип и на Македонија да ја посетуваат – рече Донка Глигорова.
Со својата седумдецениска политичка активност, Киро Глигоров остави длабоки траги не само во македонската, туку и во историјата на СФРЈ. Имаше висок рејтинг меѓу граѓаните на Македонија и додека беше претседател, но и пред и потоа. Има бурна и исклучително плодна биографија.

Клавирот на Нада Глигорова во спомен-собата

Импресивна биографија

Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Потекнува од средно имотно семејство. Татко му Благој бил занаетчија, мајка му Катерина – домаќинка. Во родниот град завршил основно училиште, а во 1928 се запишал во тогашната штипска прогимназија, во која работел и како библиотекар. Средното образование потоа го продолжил во машката гимназија во Скопје. Од 1936 до 1940 година студира и дипломира на Правниот факултет во Белград. Во април 1941 година, по фашистичката окупација на кралска Југославија, се враќа во Македонија. Прво работи како правник во „Вардарска банка“ во Скопје, а потоа отворил своја адвокатска канцеларија.
Активно се вклучува во антифашистичкиот отпор. Набрзо потоа е притворен под сомнение дека е комунист. Во 1943 година Глигоров се оженил со штипјанката Нада Мишева, со која има две ќерки (Лилјана и Донка) и еден син (Владимир).

Глигоров на млади години во Штип и со сопругата Нада, со која стапиле во брак во 1943 година

Од есента 1943 година е член на Акционониот национален комитет (АНОК). Тогаш бил објавен и Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, кој бил визија на дел од македонските комунисти за идното вклучување на Македонија во југословенската федерација. Глигоров имал забелешки на делови од Манифестот.„Зошто сега, кога Словенците и Хрватите го поставија прашањето за териториите под Италијанците и Германците, ние не го поставуваме прашањето за пиринска и за егејска Македонија. Треба да се искористи меѓународната ситуација, да не се пропушти шансата за обединување на трите дела“, запишале Глигоров и Хаџипанзов во приговорот на АНОК за Манифестот.
Во 1944 Глигоров станува секретар на Иницијативниот одбор за основање на АСНОМ. На Првото заседание на АСНОМ е избран и за член на АВНОЈ, на Второто заседание на АСНОМ станува член на неговото Претседателство и повереник за финансии. Во Југославија извршувал повеќе функции на сојузно ниво, како министер и сојузен секретар за финансии, член на Претседателството на СФРЈ, на Претседателството на ЦК СКЈ, а од 1974 до 1978 бил и претседател на Сојузното Собрание.

Со ќерката Донка (лево) и со Јосип Броз Тито (десно)

 Претседател со висок рејтинг   

Од 1991 до 1999 година беше претседател на Република Македонија. Дојде на чело на државата во периодот на осамостојување од југословенската федерација која крваво се распаѓаше. Позната е неговата изјава од 1991 по средбата на претседтелите на екс-југословенските републики во Словенија дека Македонија е заинтересирана за живот во југословенската заедница, но ако некоја република се отцепи, Македонија нема да остане во остаткокот на Федерацијата. Имаше значајна улога во мирното повлекување без истрелан куршум на тогашната ЈНА од Македонија во пролетта 1992 година. На 3 октомври 1995 преживеа атентат, кој до денес не е расветлен. Почина на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје. По негова желба, беше испратен со обичен граѓански погреб, без државни и религиозни церемонии.
Киро Глигоров лани на 3 мај, на стогодишнината од неговото раѓање, успеа постхумно да ги обедини СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ во Штип. Локалната власт, во која мнозинството го имаше ВМРО-ДПМНЕ, го органзираше одбележувањето, на кое присуствуваа советници, пратеници, борци, граѓани, членови на двете најголеми, но и на другите партии. Годинава не беше така, па отворањето на спомен-собата ги скара двата разгарнока. Веројатно поради присуството на премиерот Заев, на министри и на други владини функционери на отворањето, сега опозциската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција обвини дека „безидејната Влада редовно сече ленти на проекти што ги направил некој друг, овој пат на Општинскиот мултимедијален центар што пред две години го изгради ВМРО-ДПМНЕ“. СДСМ, пак, со соопштение возврати:„Денеска не беа сечени ленти, не беа отворани објекти, туку се отвори спомен-соба за најимпресивната личност во македонската историја, а вмровските дезориентирани структури, и покрај уредните покани, не покажаа доблест да дојдат“.

       ШТИПЈАНИ ГО ПАМЕТАТ И КАКО ЕДНОСТАВЕН И ТИВОК ЧОВЕК

Има многу примери кога Киро Глигоров ја докажал својата големина и како обичен, едноставен, тивок и достоинствен човек. Во Штип, на пример, не е заборавен ни случајот со Благородна Бурева (1903-1977), која ја одиграла главната женска улога во првата опера изведена во Македонија – „Палјачи“ од Леонкавало, поставена во Штип во 1925 година.
Првата македонска оперска певица, која била единствено дете на свештеникот Глигор и на учителката Зуица Буреви од Штип, немала среќа во љубовта. Со својот втор сопруг, Црногорец кој бил висок црковен службеник во Штип, заминале да живеат во Белград. Но, подоцна Црногорецот ја напуштил, па Благородна болна и осамена починала во ноември 1977 година. Во капелата на белградските гробишта, додека да пристигнат нејзините неколкумина братучеди од Штип, покрај нејзиниот ковчег долго стоеле само нејзиниот некогаш штипски, а потоа и белградски сограѓанин, Киро Глигоров, кој тогаш бил претседател на Собранието на СФРЈ, и неговата сопруга Нада Глигорова.