Нов ден и нов срам и катастрофа на Венко Филипче и Зоран Заев. Заради неспособноста на власта, Република Македонија и граѓаните остануваат единствени во регионот и Европа кои не знаат кога ќе се започне со вакцинација, ниту пак колку вакцини ќе добијат на располагање – обвини денеска портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Причината за тоа е затоа што владата не само што не набави вакцини на време, туку и затоа што не ја регистрирала вакцината на Фајзер и немала направено план за вакцинација, а пак македонската јавност тоа го дозна денеска и замислете не од нашите медиуми и политичари, туку од српската премиерка Ана Брнабиќ. Иако власта се пофали дека набавила 8.000 вакцини од Србија, премиерката на Србија денеска откри дека Македонија не може да ги добие истите затоа што поентата не е само да се набават, туку и да се регистрираат, но и да се направи план етапно како ќе се спроведе вакцинацијата – додаде Арсовски.
Според него ова претставува скандал од невидени размери. Тој ги обвини премиерот Заев и министерот Филипче дека немаат план како ќе се одвива процесот на вакцинација.
„Да се фокусираа повеќе на заштита на здравјето и животите на граѓаните, наместо на сопствениот ПР и промоција, можеби ќе знаеја дека вакцината треба да се регистрира и да се направи план за вакцинирање. Но, зафатени со глумење на лажен хероизам, од самиот почеток на пандемијата лажат, а жртвите на тие лаги се граѓаните кои ги губат животите“, изјави Арсовски кој ги повика Заев и Филипче да си поднесат оставки.


