Шумите ги снемува на очиглед од сите – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/21 5:20 PM

Шумите ги снемува на очиглед од сите

Дрвокрадците  со нелегалната сеча со години ги пустошат македонските шуми. Тој агресивен поход на шумите почнува во периодот пред грејната сезона, кога граѓаните кои затоплуваат домовите на огревно дрво, бараат начин како да дојдат до поевтина цена по кубик дрва. Цената на кубик оревно дрво, дрвократците го нудат  за половина цена од пазарната.

Извештајот на ЕВРОТИНК причините за дивата сеча ги лоцира во  сиромаштијата и лошото стопанисување. Во истражувањето „Пустошење на нашата иднина: форма/модели во организиран криминал во бесправна сеча во Република Северна Македонија“, е наведено дека најзагрозените граѓани се сметаат за дополнителен ризик од судирот со законот и запленувањето на дрвата купени од дрвокрадците, за релативно пониска цена. Лошото стопанисување пак, се должи на недостаток на човечки ресурси и соодветна опрема на шумочуварите, како и несоодветниот надзор, стои во извештајот на ЕВРОТИНК.

Нелегалната сеча на македонските шуми е сериозен проблем, кој со години се провлекува и речиси никогаш не запира.  Напротив, се интенивира. Проценките се дека обемот на нелегално исечено дрво во Македонија се движи од 25 до 30 отсто од вкупно исечената дрвна маса во определена година. Како најчесто посечени територии подгодни за дрвосечачите се шумите во Скопје, Кичево Струга, Демир Хисар, Прилеп, Битола, Берово, Струмица и Штип.

Фотографија „Бесплатен Н.П. Пелистер“

Шумите на Пелистер се нападнати од дрвокраците, алармира Здружението кое се залага за заштита и развој на Националниот Парк Пелистер „Бесплатен Национален парк Пелистер“. Како што активистите на ова здружение неуморно споделуваат фотографии со соголени ридови од бесправнате сеча на дрва, со исто темпо работат и дрвократците. Последниот случај е од кај местото викано Цапарска Пресека, од каде активистите велат дека фотографиите не можат доволно да го доловат пустошот  направен на оваа планина.

„Секојденевно по минумум 50 кубици борово дрво завршуваат по пиланите. Камион секој ден прави по 2-3 тури со долги широки трупци“, велат од „Беспалтен Национален Парк Пелистер“.

Повторно пустош на Пелистер!
Пратете слики во порака и #споделете ако сте загрижени!
#БесплатенНППелистер

Постот е од…

Posted by Бесплатен Н.П. Пелистер on Monday, November 12, 2018

Како здружение бараат одговорност од управата на Националниот Парк и јавно да се произнесат, а од надлежните бараат да се истражи целиот случај и соодветно да постапат.  Неколку пати алармирале за сечата на ендемскиот вид молика. Исто така постојано испраќаат прашања до надлежние институции зошто се сечат дрва во Национален Парк Пелистер, кој ги сече, кога се сечени и каде завршуваат тие дрва, но, како што велат, никогаш до сега не добиле повратен одговор.

Фотографија од „Бесплатен Н.П. Пелистер“

Првиот Национален парк во Македонија, Пелистер е со вкупна површина од 17.150 хектари е со непроценливо изобилие на најразлична флора и фауна. На овој планински зелен смарагд растат 88 дрвни видови, што претставува 29 отсто од вкупната дендрофлора на нашата земја. Плодна почва за да се развие нелегалната сеча, да се појават дрвокрадци, а со тоа и коруптивни зделки за свој личен профит.

Фотографија од „Бесплатен Н.П. Пелистер“


Човечкиот живот поефтин од украденото дрво

Граѓанскиот активист Душко Груевски дивата сеча и односот кон шумите особено во Битола ја оценува со зборот катастрофа. Недоволните човечки и финансиски ресурси на шумската полиција ги посочува како слаба алка во проблематиката.

Фотографија „Бесплатен Н.П. Пелистер“

„Битола мислам дека посебно Подпелистерието тешко дека некогаш ќе се справи со тој проблем се’ додека ресурсите, човечки и финансиски на оние кои треба да се борат со тоа, не добијат поголемо внимание и поголем буџет. Ние работевме на тој проблем и се појавија некои шпекулации, но и се покажуваа некакви фотографии дека многу од квалитетното дрво како граѓа се носи во соседна Грција. За ова немавме конкретни докази и не можевме некој конкретно да гониме, но дивата сеча е еден од многуте големи проблеми особено во општина Битола“, вели граѓанскиот активист Груевски.

Кога говориме за дивата сеча, на површина излегуваат и спрегите помеѓу дрвократците и луѓето од институциите, кои треба да ги штитат шумите од нив. Чести се и случаите каде постои и ризик за корупција во кои лицата кои се вработени во институции надлежни да вршат надзор, контрола и да санкционираат да бидат тие истите кои ќе влезат во „црниот“ бизнис на нелагална сеча и препродажба на дрва. Полициските службеници се т.н ризик за корупција поради неприменување на правната регулатива и деталните процедури за работа. Познавачите на приликите, како како најчеста причина да се случуваат коруптивни зделки помеѓу дивите сечачи и надлежните од институциите се и платите кои ги има конкретно Шумската полиција. Криминалот и корупцијата во шумарството се дотолку развиени, што на оваа индустринска гранка и нанесуваат тешки последици. Развиената т.н „шумска мафија“ и дрвокрадците во одредени региони од земјата е поголема дури и од легалната сеча на дрвата.

Се проценува дека токму во овој криминален бизнис се вртат големи суми на пари, што дури и човечкиот живот е поефтин од самото дрво. Илустративен пример за тоа е убиството на 34- годишен службеник од шумската полиција во 2009 година на планината Китка, за што како мотив МВР посочи дека е одмазда за одземени дрва, ден претходно кога диви дрвокрадци биле пресретнати од посебната единица при МВР.

Дивата сеча вредна десетици милиони годишно

Податоците покажуваат дека годишно се губат најмалку 10 милиони евра од дива сеча на шумите. Податоците од Секторот за шумска полиција велат дека од јануари до септември 2019 година до основните јавни обвинителства во државата биле поднесени 107 кривични пријави, од основните судови биле донесени 484 пресуди со кои се изречени казни од околу 374 илјади евра, а при шумските акции се одземени 1800 кубни метри дрва, 39 камиони, 153 автомобили и 12 трактори.

Пустошењето шума е кривично дело според Кривичниот законик (член 226). Во рамките на еколошкиот криминал, застапени се коруптивни дела на индивидуи или организирани групи, но и државни органи, но ваквата појава ретко кога може да се докаже, вели универзитетската професорка Марина Малиш Саздовска на Факултетот за безбедност и експерт за еколошки криминал.

„Станува збор замногу голема количина на дрвна граѓа, која вие не можете да ја транспортирате од местото на дрвосечењето до местото на продажбата и да не биде забележано од надлежните органи. Тоа  се шумски патишта, но потоа робата треба да се симне во селото или градот и да се продаде, е тука доаѓа моментот каде шумарските служби и МВР преку нивните сообраќајни патроли и останатите надлежни органи може да делуваат на патиштата каде што се транспортира таа дрвена маса и после до моментот на продажбата“, вели Малиш, која додава дека во моментот на транспортот на дрвната маса доаѓа до корупција. Се дава мито или корупција на дадениот службеник кој се наоѓа во дадените региони. Исто така овој криминал е поврзан и со кривичното дело перење на пари, што значи дека ова кривично дело само за себе е многу голем проблем, меѓутоа со поврзувањето со останатите кривични дела и се неминовни за да се реализира ова пустошење на шума станува проблем во нашето општество“, изјави професорката Малиш.

Одомаќинета „зелена корупција“

Ниската плата на службениците во шумската полиција ја смета како потенција, зошто со дивата сеча се појавува мито и корупција. Тука, клучен е интигритетот на полициските службеници, односно Шумската полиција.

„Ако вие имате шумска полиција во која вработениот зема под просечен државен месечен хонорар или просечна плата можете да замислете што може  да се направи со малку пари да се потплати да се замижи пред таквата дива сеча. Тој дрвокрадец или таа мафија добро знае каде да „подмачка“ народно кажано за да може да го направи она што го наумил“, изјави граѓанскиот активист Душко Груевски, кој додава дека потребно е строга контрола и да учиме од земјите кои се пример како се справуваат со истата проблематика.

Вели секаде во светот постојат мафии, но тие се маргинализирани и обичниот граѓанин не ги забележува, но кај нас тоа е поинаку.

„Кога ние живееме тука и гледаме пред очи како со трактори, камиони, со автомобили и приколки се носат необележани дрва некаде од шума и на тој човек никој ништо не му може или ја потплатил полицијата или не го забележала, тогаш ќе ви стане јасно дека вие сте апсолутно исправени пред неправдата и не можете ништо. Не сакам да шпекулирам но само ќе го кажам она што го слушаме иако тоа може да се класифицира како шпекулација, многупати слушаме дека и огревното дрво кое се продава од самите компании од самото шумско претпријатие многупати е на нечесен и некоректен начин искористено и донесено до домаќинставата што претставува еден друг проблем кој го тангира загадувањето“, појаснува Душко Груевски, граѓански активист.

Корупцијата во полицијата најчесто се оценува како „ситна“, односно не опфаќа високи износи на поткуп, туку се состои од подароци кои се во вредност помала од пропишаните казни, но резултатот е висок кумулиран ефект на загуба на приходи од казни во централниот буџет. Благата казнена политика, пак, не го сузбива криминалот, а делата се повторуваат.

Обвинителството и судството, смета професорката Марина Малиш, дека не се свесни колку овој криминал е сериозен, бидејќи казнената политика од страна на јавните обвинители и судии е блага и токму затоа кривичното дело пустошење шума е дело кое често се повторува.

Загрижувачки е што постојат организирани криминални групи кои организирано вршат пустошење на шумата.

„Она што во нашата држава е проблем е тоа што овие организирани криминални групи фактички користат и во одредени ситуации и огнено оружје и не се органичуваат дури и да го употребат. За жал, во минатото, во нашата земја имавме двајца шумски чувари кои беа лишани од слобода од кумановкско – липковскиот крај и еден полицаец кој што исто така беше убиен  на планината Китка, со што зборува за сериозноста на овие криминални групи од една страна, меѓутоа и за високиот профит кој што го оставруваат“, изјави професорката на Факултетот за безбеднсот и експерт за еколошки криминал, Марина Малиш Саздовска.

Што работат надворешните извршители во македонските шуми?

ЈП „Национални шуми“ (ЈПНШ) има податок дека во 2019 година нелегално се исечени 12.540 метри кубни, и направена е штета  од околу 10 милиони денари. За период од пет години, однсоно од 2014 до 2019 година направената штета е околу 23 милиони денари.

Од ЈПНШ сметаат дека проблемот делумно го решаваат со пошумувањето на сите деградирани земјишта кои можат да предизвикаат катастрофи. Ова јавно претпртијатие, чија главна грижа се шумите, производството на дрвна маса ја извршува во најголем дел со помош на надворешни извршители, тнр. економски оператори. На нив им припаѓа 75 отсто од работата, додека само 25 отсто на со работниците на ЈПНШ и на сезонски извршители на определено време. Доза на соменвање е улогата на економските оператори, со кои ЈП „Национални шуми“ склучува договори. Според овие договори,  само маркирањето на  стеблата за сеча е на „Национални шуми“, додека сечата, дотурот и транспортот го вршат приватни фирми врз основа на тендер. Анализата на кампањата „Разбисти се“ покажува дека според Законот за јавни набавки тендерите ги добиваат тие што ќе понудат  најниска цена, дури и пониска од пазарната. На пример, за сеча се аплицира со 250 денари по метар кубен, иако според документацијата на ЈПНШ цената е 360 денари по метар кубен, па после разликата се дополнува со дополнителни количини огревно дрво. Од каде и како се обезбедуваат, не е тешко да се претпостави. За ова, секако, нема јавни податоци и затоа е неопходно потребна зајакната контрола, особено на терен. Таа може да се подобри со воведување GPS системи во камионите. Меѓутоа, од ЈПНШ велат дека сите негативни дејанија се следат и од другите надлежни институции, а досега немало некои поголеми нарушувања или забелешки од надлежните институции.

-Но, ова е само мал дел од проблемите со коишто се соочува ова гломазно претпријатие од околу 2500 вработени или една нишка во синџирот, која не функционира соодветно и која дозволува коруптивни активности (бесправни сечи). Потребна е реорганизација на „Национални шуми“ од јавно претпријатие кое, иако е јавно претпријатие, не се финансира од буџетот, туку од сопствени средства. Таа реорганизација би можела да биде акционерско друштво, како што е во Словенија, Црна Гора и Словачка, оценува анализата на „Разбистри се“.

Непланската сеча на шумата придонесува за менување на микроклимата во одделени подрачја, а со тоа се зголемува ризикот и опасноста од појава на поплави и свлечишта. Влијае на зголемување на загадувањето воздухот, со оглед на тоа што на една исечена шума и се потребни децении за да се одбнови, тогаш оправдани се стравувањата дека загадувањето ќе расте.

 

 „Со овој прилог, ММС се приклучува кон кампањата „Разбистри се`”, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.”