Бугарија се откажува од изградбата на нуклеарката Белене? – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/21 4:36 PM

Бугарија се откажува од изградбата на нуклеарката Белене?

Бугарската влада се откажа од реализација на нуклеарната електрана „Белене“ и планира да ја искористи купената руска опрема за нуклеарната електрана „Козлодуј“, пишува бугарскиот економски портал „Економик.бг“ по денешното обраќање на бугарската министерка за енергетика  Теменужка Петкова.

– Во склад со извештајот за кој гласаше владата, министерката за енергетика би требало да преземе неопходни чекори со цел во потполност да се искористат можностите на платформата број два во нуклеарната електрана „Козлодуј“ за изградба на нови нуклеарни капацитети, што вклучува и рационално користење опрема која е испорачана за електраната „Белене“, пишува авторот.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов рекол дека се работи за исклучително важни инфраструктурни проекти кои  ја осигуруваат националната и енергетска безбедност и диверзификација.

– Покрај тоа ќе се користи и опрема која државата и даночните обврзници веќе ја платија за нуклеарката „Белене“. Мислам дека по седмиот ќе поминеме и на осми реактор, рекол премиерот.

Авторот на текстот наведува дека Борисов одамна пробувал да најде баланс помеѓу Русија и САД: „Белене“ бил уште еден руски проект во Бугарија кој не и се допаѓал на Америка и американците неколку пати тоа им го посочиле.

– Бугарија очигледно го послуша советот на Америка и ќе се откаже од нуклеарната електрана „Белене“ иако, според зборовите на членови од владата, за оваа нуклеарка постои голем меѓународен интерес ( во избор на стратешки инвеститор учествуваше и Кинеската национална нуклеарна корпорација, рускиот „Росатом“, Корејската корпорација за хидро и нуклеарна енергија, француската компација „Фраматом САС“, американската „ГЕ Стрим Пауер“), а на нашата земја, според зборовите на Петкова, и се потребни двете нуклеарни електрани, наведува авторот.

Во октомври минатата година министерката за енергетика на Бугарија тврдеше дека државата нема да се откаже од реализација на проектот „Белене“, кој претходно остро беше критикуван од САД.

Подоцна бугарскиот премиер Бојко Борисов најави изградба на нов блок на нуклеарката „Козлодуј“ и купување на американски реактор. Владата потоа даде зелено светло на Бугарскиот енергетски холдинг за почеток на преговори со американските компании.

Изградбата на нуклеарката „Белене“ започна во осумдесетите години на минатиот век, а проектот е замзнат во 1990 година. Руската компанија „Атомстројекспорт“ доби тендер за продолжување на изградбата во 2005 година, но во 2012 проектот повтроно е запрен поради притисок од САД. Бугарија и исплатила на Русија околу 1,3 милјарди евра за нереализираниот проект и во 2017 година доби реактори кои од тогаш се сместени на територијата „Белене“.

Софија во 2018 најави враќање на проектот.