Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира дека и второто полугодие учениците и наставниците ќе бидат соочени со истите проблеми, а министерката Царковска, наместо да се позанимава со нив и со нефункционалната Национална програма за далечинско учење, менува наставни програми.
– Денес на првиот наставен ден од второто полугодие јасно е дека сѐ останува по старо.
Учениците, професорите и родителите повторно ќе се соочуваат со истите проблеми, ќе се жалат меѓу себе, ќе си бараат помош, ќе се мачат, а времето ќе врви како и во претходното полугодие.
Наставниците повторно ќе се снаоѓаат со сопствени лаптопи, со прекините на интернетот, со притисокот да пишуваат оценки, директорите со пишување нереални извештаи за текот на наставата, а и за заразените од КОВИД-19, родителите со сѐ ова и со трошење на огромен дел од своето време за напредок на сопственото дете, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Освен за немање учебници, особено за средните стручни училишта, од партијата реагираат и дека Националната платформа за далечинско учење воопшто не профункционира, а наставниците повторно нема да добијат навремена професионална обука.
– Над 10.000 ученици повторно ќе следат опциона настава, односно настава на телевизија и со печатени материјали и притоа за нивниот напредок не е можна реална контрола на постигнувањата.
Министерката Мила Царовска наместо да направи анализа на проблемите и евалуација на постигнувањата цел распуст се бави со нешто, наречено Концепција за реформа на образованието искритикувана и отфрлена од сите релевантни институции.Додека министерката се бави и на мускули ја турка концепцијата, наставниците и децата остануваат да се снаоѓаат како умеат и знаат, а таа продолжува да се фали со 90% успешна онлајн настава, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.