Општина Гостивар заради пандемијата влезе во долг од два милиони евра – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/21 3:29 PM

Општина Гостивар заради пандемијата влезе во долг од два милиони евра

Намалените приходи од локалната економија во општинската каса и дополнителните трошоци придонесоа вкупниот долг да нарасне на три милиони и ја става општина Гостивар на шестото место по задолженост. Градоначалникот Таравари нагласува дека во овој период државата не помогнала со ниту еден денар.

Во новата година општина Гостивар влезе со вкупен долг од три милион евра. Минатата година во овој период, општината должеше речиси еден милион. Разликата од два милиони за една година, според градоначалникот на општина Гостивар се должи на ефектот што пандемијата го имаше врз локалната економија.

– Доволно е да ги погледнете податоците од општината кои се јавен карактер и ќе ги видите резултатите. Тоа не е случај само со Гостивар, во долгови се други општини. Еве Тетово на пример е во долгови три пати поголеми од нас. Тие должат девет милиони евра. Според задолженост ние сме на шестото место, иако според големината сме на четвртото место, рече Таравари.

Тој оцени дека минатата година била тежок период во кој покрај намалените приходи, локалната самоуправа се соочила и со блокирање на сметката. Според првиот човек, на целата работа негативно влијаел и односот на државата која селективно помагала.

– Имавме и период кога немамвме никакви приходи. Сепак сакам да потенцирам дека ние немавме никаква поддршка. Не сме добиле помош од државата или пак друга институција; Не добивме ниту ракавици, ниту маски, за разлика од други општини. За каква селективност станува зборе ќе го наведам и податокот, дека од 35 милиони евра, средства кои беа наменети за изградба на аеродром во Штип, ние не добивме еден денар, подвлече Таравари.

Тој искажа оптимизам и се надева дека состојбата ќе се подобри доколку поминат неколку закони кои се однесуваат на финансирањето на општините.

Зоран Маџоски