Лозарите од Тиквешијата пред стартот на новата производна реколта бараат средба со министерот за земјоделство Арјанит Хоџа и винарските визби. Велат дека уште од сега треба да се подготват договорите за новиот род на грозје.
„Бараме до 5 февруари, пред нашиот празник Свети Трифун, да се постигне договор со винариите и да ги слушнеме нивните планови околу количините на грозје кои планираат да ги откупат, по сорти, шеќерност и цена. Со самото склучување на договор ќе се знае колкава количина на грозје ќе остане вишок. Исто така на состанокот со министерот сакаме да слушнеме пред да почнеме со резидба, дали државата ќе не обесштети доколку ја кроиме лозата на два резника без родност“ велат од регионалното здружение Тиквешки лозаро овоштари.
Од ова здружение бараат редовните субвенции по хектар површина да им бидат исплатени пред празникот Свети Трифун, за како што велат, без проблеми да го започнат новото производство. Исто така бараат исплата во целост на субвенциите од 2 и 6 денари од ковид програмата и исплата на 2 денари редовни субвенбции за достигнување на цената на грозјето од бербата на грозјето во 2019 година.
„Бараме да се изврши корекција и на кантарните белешки на лозарите кои грозјето го продадоа по пониска цена во винаријата „Тиквеш“. На тие белешки да се стави ковид печат и овие лозари да достигнат цена од 15 денари за вранецот и 13 до 14 за смедеревка и станушина. Исто така бараме да се направи корекција на кантарните белешки за откупеното грозје по 2 и 3 денари од винаријата „Вардар“ и откупниот пункт „Лазово мовче“ и да се напише договорената цена од 4 денари“ пишуваат од здружението во барањето испратено до МЗШВ.
Лозаропроизводителите исто така бараат од државата да се изнајде начин за пласман на ракијата, произведена во домашни улови минатата година поради немање квалитетен пласман и цена за грозјето.
Ангел Данов