Владата на 40-тата седница, по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе измени на одлуката за работното време на рестораните и другите угостителски објекти согласно која од 21 јануари се укинува одлуката за ограничување на работното време на рестораните и другите угостителски објекти за работа до 18:00 часот.
Согласно овие измени, рестораните и угостителските објекти од 21 јануари ќе работат до 21:00 часот, после што ќе бидат затворени за посетители сите угостителски објекти и ресторани, како и угостителските објекти или делови за исхрана во угостителските објекти за сместување во хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објект за сместување, како и објектите со угостителска дејност на бензинските станици.
Исклучок од оваа одлука се угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и рестораните или деловите за исхрана во угостителските објекти за сместување во хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објекти за сместување за лицата сместени во овие објекти.
Угостителските објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин со онлајн или телефонски нарачки и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект преку штанд или пулт со почитување на основните мерки за дезинфекција, носење маски и одржување дистанца, соопштуваат од Владата.