Пандемијата со ковид-19 ја зголеми побарувачката на антибиотици ширум аптеките, а информациите со кои располагаат од Фармацевтската комора говорат дека сега се пропишуваат и поголеми дози од ваквите лекови одошто претходно. Граѓаните создаваат залихи во своите домови, а кога земаат антибиотик го прекинуваат штом ќе почувствуваат олеснување на симптомите, што впрочем е погрешно. Оттука, правилната употреба на антибиотиците е тема на која разговаравме со Бистра Ангеловска, претседателка на Фармацевтската комора и професорка на студиската програма за фармација на Факултетот за медицински науки при УГД-Штип.
-Антибиотиците се лекови кои го спречуваат развојот на бактериите и се наменети за лекување на заболувања што ги предизвикуваат бактерии. Нивното делување е со различни механизми, но сепак земањето антибиотик е еден од најсоодветните начини за лекување на болестите бидејќи не ги лекува симптомите, туку предизвикувачот. Антибиотиците се даваат за таканаречената каузална терапија, што е многу важно во медицината. Овие лекови може да имаат добро влијание врз здравјето на пациентот бидејќи го лекуваат причинителот – објаснува Ангеловска.
Што подразбира рационалната употреба на антибиотици, со цел да имаме позитивни ефекти по нашето здравје од нивната употреба?
-Рационална употреба значи лековите да се земаат соодветно на клиничката слика во точно одреден период, но и во точна рационална доза. Кај антибиотиците е важно да се земе пред се’ соодветниот антибиотик кој делува на таа бактерија, а и да се земе во доволно дози (ниту повеќе ниту помалку). Лошо е што кога антибиотиците се земаат нерационално или несоодветно, бактериите се способни да направат одбранбен систем и така стануваат резистентни или отпорни на антибиотикот, со што не се намалува нивното размножување. Тоа е еден од најголемите проблеми во нашата професија, бидејќи многу болести кои би се лекувале едноставно со антибиотик кој делува, не може да се лекуваат затоа што веќе бактериите создале резистентност.
Како може да се одрази неправилната употреба на антибиотикот, на пример непочитување на препорачаната концентрација или на интервалот меѓу дозите?
-Науката измислува нови лекови и оди напред, но бактериите се понапредни од науката. Се прилагодуваат побрзо. Исто така, тоа чини многу средства. Поединецот губи денови од работа, но го чини и општеството бидејќи се лекува заболување што може да се излечи поедноставно. Во светот веќе постојат и соеви на бактерии кои се прилагодуваат на постоечките антибиотици и не може да се искоренат. Најголем проблем од несоодветната употреба е појавата на резистенција, па така ако земате антибиотик, а ја прекинете терапијата предвреме вие им давате можност на новите бактерии да бидат отпорни на тој антибиотик.
Како последица на неправилната употреба на антибиотикот може да се јават многу несакани реакции. Кога не е неопходен антибиотикот најчестата несакана реакција се јавува како дијареа или пак може да настанат други проблеми со дигестивниот тракт бидејќи антибиотиците со широк спектар на делување делуваат и на добрите бактерии во нашата цревна флора. Затоа може да се создадат тегоби и проблеми со варење на храната.
Каква е поврзаноста на антибиотикот со пробиотикот?
-Пробиотикот ги надоместува штетите. Пробиотик треба да се зема кога антибиотикот се зема подолготрајно или кога имаме антибиотик со широк спектар на делување. Пробиотиците се земаат два часа пред да се земе антибиотикот или два часа подоцна. Пробиотикот си има свое значење, но исто така има и хранливи проиизводи кои може да делуваат добро на цревната флора.
Институтот за јавно здравје во една објава појаснува дека антибиотикот нема ефект врз вирусите. Какво е тогаш стручното објаснување за пропишувањето рецепти за антибиотици на пациентите со коронавирус?
-Главно вирусните заболувања, особено оние на дишните патишта прават оштетување на слузокожата. Создаваат воспалителни процеси на дишните патишта, па при тоа може да се развијат бактерии, односно бактериски заболувања. Во тој случај антибиотикот се дава по проценка на лекар поради бактериските инфекции кои се развиле на слузокожата. Антибиотикот тука повторно делува на бактериите, но не на вирусот.
Со оглед на тоа дека сте професорка при Универзитетот „Гоце Делчев“ што ги учите и советувате идните фармацевти кога е во прашање темата со антибиотици? Дали ако некој пациент сака на своја рака без рецепт да купи антибиотици, фармацевтот е должен да укаже на таквата погрешна употреба?
-Фармацевтот е здравствен работник што е последен во ланецот на здравствени работници со кои комуницира пациентот пред да почне да ја применува терапијата. Токму затоа фармацевтот има одговорност да биде грижлив во однос на давањето антибиотици. Давањето антибиотици без рецепт од лекар не смее да се издаде од страна на фармацевтот. Лекарот ја утврдува потребата од антибиотик, го пропишува, фармацевтот го издава со соодветно упатство и тука треба да каже како и кога се зема според пропишаното. Не се пие колку што траат симптомите, туку колку што е пропишано. Фармацевтот треба да ја објасни употребата, да соработува со пациентот, но никако не смее да даде антибиотик без препорака од лекар. Тоа е и законска одредба, но и стручна. Не верувам дека се продаваат антибиотици без рецепт, но ако се случи тоа си повлекува одредени санкции и тоа е сосема оправдано.
Тука има и друга интересна појава, која ја зголемува можноста за резистенција. Тоа е прекинувањето на терапијата кога ќе се почувствува пациентот подобро и чување на лекот за во случај пак да се јави истиот проблем. Тука има повеќе опасности и затоа е важно граѓаните да разберат дека ако фармацевтот одбие да им продаде антибиотик тоа е во нивни интерес. Мора антибиотикот да биде соодветен на дијагнозата и на клиничката слика, да биде контролиран, бидејќи тоа е закана за јавното здравје. Тоа е приоритет на СЗО, но и ние правиме напори да се едуцираат не само здравствените работници туку и граѓани. Земањето антибиотик на своја рака ја влошува состојбата.
Како Фармацевтската комора се вклучи во подигање на свеста за правилна употреба на антибиотици во овој период на пандемија?
-Ние учествуваме во сите проекти на државно ниво, кои се однесуваат на рационализирање на употребата на антибиотици, што значи тие да се земаат во вистинско време, во потребните дози толку колку што е потребно да се убијат бактериите. Ние не организираме собири туку ги акредитираме собирите на фирмите, на јавните институции и универзитетите. Според важноста на едукацијата ги вреднуваме, бидејќи ако организираме тоа ќе се коси со акредитацијата. Во сите тие организирани кампањи, Комората активно учествува ширејќи ја веста за одржувањето на одреден таков собир, а учествувавме и во проектите на МЗ и ИЈЗ.
Од едукација никогаш доста, па така здравствените работници треба да ги едуцираме постојано, но секако важни се и општите кампањи наменети за граѓаните. Тие мора да ја сфатат проблематиката, да сфатат дека треба да се придржуваат до упатствата за лековите и до она што фармацевтите им го нудат како грижа. Сега во пандемијава не останавме без информации, без протоколи. Следиме што препорачува Меѓународната фармацевтска федерација, СЗО и разноразни институти, но важно е фармацевтите да не попуштаат на желбата на пациентите со цел да го задржат комерцијалниот ефект бидејќи тој е краткорочен. Како последица на ова пациентот ќе ја загуби довербата и тоа не е долгорочно решение.
Учествуваме во сите кампањи, јас лично учествував во едукација на родителите во чии рамки одевме на средби со нив во детските градинки. Потребни ни се кампањи во вид на брошури, треба широка акција за да граѓаните се запознаат со фактот дека тоа е штетно за нив.
Фото: Илустрација / Freepik
Вања Мицевска