Индустриска зона за македонски компании кои директно своите финансии ќе ги вложуваат повторно во општината е целта која на денешниот прв состанок ја поставија Економскиот совет составен од бизнис секторот и иницијаторот – градоначалникот на општина Штип, Сашко Николов.
Компаниите ќе вработуваат граѓани и ќе нудаат соодветна плата и услови, а општината ќе им излезе во пресрет за инфраструктурните потреби. Локацијата засега не е договорена бидејќи општината се уште чека да се донесе генералниот урбанистички план.
Според градоначалникот Николов, кога урбанистичкиот план ќе биде готов, на сериозен состанок ќе се разгледа каде може да се шири индустриска зона.
– Состанокот што го имавме денеска беше како општината ќе може да им излезе во пресрет на овие компании, зборуваме од градежни, комунални инспектори, урбанизам, правен сектор, јавните комунални претпријатија Исар и Стипион – како овие тела и делови од општината ќе се стават во функција на сите бизнис сектори во општината, рече Николов.
Според газдата на фирмата „Актива“, развојот на градот се гледа од повеќе аспекти, но единствено реалниот сектор е тој што со неговиот поинтензивен развој ќе може да допринесе сите останати структури да се развиваат подобро и да се подобрат условите за живот во градот.
– Мене ми е посебно драго што денеска со позитивна енергија пристапивме кон идеја да се размислува што побргу да се разработи една добра индустриска зона за домашни инвеститори, дали од нашиот град или пошироко од источна Македонија. Нашите предлози беа да биде природно кон градот Скопје, бидејќи на другите делови индустриски градот не може да се шири. Нас ни требаат големи парцели, а нив ги има само таму, рече Николов, потенцирајќи дека веќе на денешниот состанок имало конкретни барања за релативно поголеми парцели за изградба на нови индустриски капацитети.
Советодавното тело како што напомена градоначалникот Николов, ќе се среќава по еднаш во месецот и ќе се разговара за идеите на бизнис секторот и начинот на кој општината може да им излезе во пресрет.