На последниот ден од својот мандат Трамп помилува 73 лица, а ја ублажи казната на 70 – ММС
ММС

Објавено на: 01/20/21 12:27 PM

На последниот ден од својот мандат Трамп помилува 73 лица, а ја ублажи казната на 70

Претседателот во заминување Доналд Трамп денеска помилува 73 лица, меѓу кои и поранешниот советник на Белата куќа, Стив Банон, кој беше обвинет во август минатата година за измама во изградбата на ѕидот со Мексико, на јужната граница на САД.

На последниот ден од мандатот, Трамп издаде 73 помилувања и ги ублажи казните за 70 други лица.

Помилуван е и раперот Лил Вејн, а казната им е ублажена на раперот Кодак Блек и поранешниот градоначалник на Детроит.

Белата куќа соопштението за помилувањата го издаде на само неколку часа пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Во своето проштално видео обраќање до нацијата, Трамп и посака успех на новата администрација, но не го спомена новоизбраниот претседател Бајден.

– Оваа недела, ќе имаме нова администрација и се молиме да биде успешна, за Америка да остане безбедна и просперитетна, порача Трамп.

Во речиси 20-минутниот говор, Трамп презеде заслуги за „стварање на најдобрата економија во историјата на светот“ и рече дека е посебно горд што е прв претседател по повеќе децении кој не започнал нова војна.

– Најголемата опасност со која се соочуваме е губењето на верба во себе и во големината на нашата нација. Америка не е срамежлива нација на кротки души кои мораат да се штитат од оние со кои не се согласуваат, вели Трамп.

Последните недели од својот мандат претседателот ги помина неизлегувајќи од Белата куќа, по нередите што неговите приврзаници ги направија во Капитол. Во насилството и непосредно по него починаа пет лица, меѓу кои и еден припадник на полицијата на Капитол.

Во својата видео порака, Трамп се осврна и на работите  на кои се гордее.

– Го направивме тоа што дојдовме да го направиме и многу повеќе. Водев тешки битки, најтешки битки и донесував тешки одлуки – бидејќи поради тоа ме избравте, рече Трамп.

Тој ги спомна и немирите во Капитол и рече дека сите биле ужаснати од нападот, а дека политичкиот напад е напад на се што ценат како американци и не може да биде толерирано.

Трамп денеска нема да присуствува на инаугурацијата на Бајден.