Го загуби татко си од канцер и не заспа додека не смисли како да помогне на болните – Јасмина Јовчевска со иновација во медицината – ММС
ММС

Објавено на: 01/19/21 10:15 PM

Го загуби татко си од канцер и не заспа додека не смисли како да помогне на болните – Јасмина Јовчевска со иновација во медицината

Го загубила својот татко поради канцер, а десет години подоцна, помошта на пациентите со оваа болест е нејзино секојдневие. Медицинската сестра Јасмина Јовчевска во чест на својот родител смисли иновација, односно систем на инфузија со вградена мембрана која спречува да навлезе воздух во вената на пациентот.

„Имав многу непроспиени ноќи, бев во трка со времето и многу пати посакав да се откажам, но колегите и директорот Нино Васев ме бодреа за да стигнам до целта“, вели Јасмина која работи на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Како изгледал патот од идеја до реализација на прототипот и која е улогата на оваа иновација во медицината, таа раскажува за читателите на Македонски медиа сервис.

-Идејата се роди пред 3 години кога бев во првата година од студиите, поточно кога го слушав предметот „Здравствена нега“ кој е основен предмет за медицинските сестри. Идејата остана само на хартија бидејќи немав доволно храброст да ја спроведам. Во  март 2020 година Медицинскиот факултет објави апликација за учество на студентска конференција. Бидејќи сум студент таму имав право да аплицирам, па се консултирав со доцент д-р  Игор Стојковски кој работи со мене во истата клиника, ги испочитував неговите насоки и решив да аплицирам – вели Јасмина.

Идејата ја испрезентирала и на онлајн средба со професорот Владимир Атанасовски од Факултетот за електротехнички и информациски технологии, но бидејќи не можела сама да ја реализира побарала помош. Така дошла во контакт со Дамјан Цветковски од Машински факултет, кој го изработил прототипот.

„Бев во трка со времето. Истовремено одев на работа, полагав испити, имав рок за иновацијата…многу непроспиени ноќи поминав, но сум им благодарна на сите што  беа толерантни со мене.  Дојде и 15 декември, денот на студентската конференција кога требаше да направиме презентација на проектот, па со Дамјан се договоривме јас да го презентирам. Беа презентирани 6 нови иновации, меѓу кои  е и нашата“, вели Јасмина објаснувајќи дека прототипот го изработиле со помош на 3Д печатач од нетоксичен полимер кој се користи во индустријата за медицинска пластика.

„Внатре во самиот систем е вградена мембрана, која  овозможува воздухот да не навлегува во вените по завршување на инфузијата. Ако се прими воздух може да се создадат низа нус ефекти во организмот, како физичка болка, срцева слабост и недај Боже може да дојде до белодробна воздушна емболија. Медицинските сестри тоа многу добро го знаат и ние доста внимаваме на тоа со нашите пациенти“, додава медицинската сестра. Според неа, гледано од страна можеби се работи за проблем кој не е од големи размери, но сепак оценува дека не е така.

„Секој пациент си бара посебен третман, посебна нега, тоа не е случај  само кај онколошките пациенти, туку кај сите. Ако навлезе воздух во вената може да се случи проблем, дури и најобична инфузија да е, не само кај пациент на хемо. Се внесува празен воздух во вената, а не треба да е така. Затоа и ја смислив ваквата иновација“, потенцира таа во изјавата за ММС.

Ја прашавме и што понатаму, дали има компании кои се заинтересирани да го произведат ваквиот систем за инфузија?

„Пред да се изработи иновацијата, се прават бројни истражувања. Штом се произведува нешто ново, тоа мора да се испита бидејќи за секој производ има патент. Ако претходно ова го има направено некој може да ме тужи, дури и да не е од Македонија. Ова е нешто што го направив по долго истражување, откако заклучив дека го нема. Ваквиот домен од медицината како да е подзаборавен, бидејќи постојано излегуваат нови лекови, вакцини, терапии, но со системите тапкаме во место на светско ниво. Сега за сега имаме понуди од  2 фирми, но ќе ја одбереме подобрата опција бидејќи сакаме да се изработи од евтини материјали за да биде достапно на сите клиники“, ни објасни младата медицинска сестра, која веќе крои план својата иновација да ја испрезентира и надвор од земјава, само чека да стивне пандемијата со актуелниот коронавирус.

Освен тоа, таа планира прототипот да го претстави и пред Фондот за иновации бидејќи како што вели, со новиот систем ќе се олесни работата на медицинските сестри, но секако дека тоа ќе биде и во интерес на пациентите.

„Оваа иновација е направена во чест на мојот татко кој не’ напушти прерано и ја посветувам на сите онколошки пациенти. Моја желба беше да работам на Клиниката за онкологија и се што правам, го правам со многу љубов. Така знам дека некому сум му го направила денот поубав, а и јас самата поубаво се чувствувам. Се двоумев и сакав да се откажам, но сите колеги на волшебен начин ми даваа сила и поттик да не се откажам“, го завршува медицинската сестра разговорот за ММС.

 

Вања Мицевска