Постапката за ветинг се врши од тим обучен од НАТО експерти врз чија работа не се врши апсолутно никакво влијание, вели началникот за безбедност и воено разузнавање на армијата, Горан Василевски, за обвинувањата од страна на Ковачки и ВМРО-ДПМНЕ, за непрофесионализам и партиски влијанија за изборот и испраќањето на лица во мисии во странство.
– Маските мора да паднат. Денес ВМРО-ДПМНЕ и Ковачки си паднаа во дупката која сами ја копаа. Сакам да ве информирам кои двете лица кои тој ги споменува ги добиле своите безбедносни НАТО сертификати токму во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Добиле сертификати од нив во нивно време, а токму во досието за едно од лицата фигурира и потписот на Ковачки кој потврдува дека нема никаков проблем на тоа лице да му се издаде национален НАТО безбедносен сертификат, вели Василевски, потенцирајќи дека е поминато времето за „пазарење“ со безбедносните сертификати.
Ковачки денеска на прес-конференција, пак, ги обвини претседателот Пендаровски и министерката Шекеринска за девалвирање на институциите кои ги претставуваат,потенцирајќи дека дека проблемот за враќањето на двајцата кандидати за воени, односно одбранбени претставници во НАТО, е во власта.
Процесот на ветинг – односно безбедносна проверка според него наместо да биде во функција на државата, се користи за партиска пресметка.
Тој истакна дека двајцата кандидати за претставници во НАТО кои беа вратени од Алијансата, добиле НАТО сертификат од органите на Макдонија, но кога повторно биле проверени од сојузниците, не добиле потврда за тоа.
– Ова ни помалку ни повеќе, значи дека органите, односно институциите што се целосно партизирани од страна на партијата на власт, издаваат НАТО сертификати, кои при повторна проверка од страна на Алијансата се оценуваат како неточни и некредибилни. Значи, станува збор за делегитимирање на целиот процес воден од македонските институции. Постои огромен сомнеж, а последните два примери се чист доказ, дека институциите под власт на СДСМ издаваат НАТО сертификати само на лица подобни за власта, без разлика на тоа дали лицето реално ги исполнува условите или не. Ќе ве потсетам на примерот кога за само 5 дена му издадоа сертификат за пристап до Државна тајна на новинар близок до ставовите на СДСМ, рече Ковачки и истакна дека лицата кои ги исполнуваат условите за добивање безбедносни сертификати се подложни на одбивање само затоа што се политички неподобни.