Вкупната продажба на пазарот на автомобили на Европската Унија (ЕУ) во 2020 година падна за 23,7 отсто во однос на претходната година поради последиците од пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), јавува агенцијата Анадолија (АА).
Европското здружение на производители на автомобили (ACEA) објави нови податоци за регистрацијата на автомобили во 2020 година во земјите на ЕУ.
Регистрациите на новите автомобили во ЕУ се намалија за 23,7 отсто во однос на претходната година и паднаа на 9.942.509.
Така продажбата на автомобили, што во 2019 година изнесуваше повеќе од 13 милиони, падна за повеќе од 3 милиони во 2020 година поради рестриктивните мерки применети во борбата против пандемијата.
Продажбата на новите автомобили во ЕУ падна за 3,3 отсто во декември 2020 година, во однос на истиот период во 2019 година, и изнесуваше 1.031.070.
Падот на продажбата на автомобили во земјите на ЕУ во 2020 година, во однос на 2019 година, е следен: Хрватска (42,8 отсто), Бугарија (36,8), Португалија (35), Шпанија (32,3), Естонија (29,5), Грција (29), Италија (27,9), Франција (25,5), Австрија (24,5), Белгија (21,5), Холандија (19,5) и Германија (19,1 отсто).
Меѓу 27-те земји членки на ЕУ, најмногу нови автомобили во 2020 година продадени се во Германија. Во текот на тој период регистрирани се 2.917.678 нови автомобили во Германија, во Франција 1.650.118, во Италија 1.381.496 и во Шпанија 851.211.