Со маски и растојание, штипјани го слават големиот христијански празник Водици – ММС
ММС

Објавено на: 01/19/21 1:59 PM

Со маски и растојание, штипјани го слават големиот христијански празник Водици

Бог се јави – Навистина се јави. Православните христијани денеска го слават еден од најголемите христијански празници – Богојавление – Водици. Годинава иако со строги рестриктивни мерки и без вообичаената литија и фрлањето на светиот крст во водите на Брегалница, штипјани останаа верни на традицијата и со заштитни маски и држејќи растојание, во голем број присуствуваа на богослужбата во градската црква Свети Никола.

Чекајќи да земат од светата вода, граѓаните велат дека празникот, иако на поинаков начин, мора да се одбележи. Почитуваат протоколи и држат растојание, но се надеваат дека следната година ќе се вратиме на старата традиција.

Свештеникот кој го затекнавме во градската црква Свети Никола вели дека посетата годинава е вообичаена и дека го радува тоа што верниците се христијански воспитани – сите носат заштитни маски и се придржуваат кон препораките од здравствените власти.

– Како и секоја година после богослужбата се прави голем богојавленски водосвет во црквите, потоа се оди на река, езеро или друго водено место, се извршува чинот осветување на вода и се положува светиот крс во водите, симболички крштевајки го Христа. Бидејќи годинава сме во пандемија и согласно препораките од здравствените власти, немаше литија ниту пак полагање на светиот крст во водите на река Брегалница, вели свештеникот Добрица Јанев.