Пензионирањето ќе биде задолжително и за мажите и за жените на 64 години возраст и 15 години работен стаж, но со новите законски измени не се исклучува можноста жените да одат во пензија и на 62 години доколку така одлучат – појасни вечерва преку писмено соопштение Министерството за труд и социјална политика вечерва.
– Во однос на дилемите во јавноста за задолжителното пензионирање на 64 години возраст и 15 години стаж, Министерството за труд и социјална политика информира дека во согласност со Уставот на Република Северна Македонија правото за пензионирање на мажите и жените во однос на возраста е изедначено и тие се пензионираат на 64 години. Но, Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во член 18, им остава можност на жените да заминат во пензија и на 62 години, доколку тие така одлучат. Предложените измени на Законот за работни односи се однесуваат само на укинување на можноста за продолжување на работниот век до 67 години, но не предвидуваат измени во однос на укинување на можноста жените да се пензионираат на 62 години, но само доколку тие самите така одлучат, се наведува во соопштението.