Австриската влада ја продолжи мерката за „заклучување“ на целата територија на земјата до 7. февруари, со цел да го намали големиот број на заразени со коронавирусот и поради опасноста од новиот сој на вирусот.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц во Виена рече дека некои мерки дури ќе бидат и заострени поради појавата на новата врста на коронавирусот.
Луѓето ќе мора да држат дистанца од два наместо еден метар, а од 25. јануари наместо платнени ќе мора да носат медицински заштитни маски во јавниот превоз и во продавниците.
Министерот за здравство Рудолф Аншобер рече дека за луѓето со мали примања ваквите маски ќе бидат обезбедени и бесплатни.
Третото заклучување во Австрија почна на 26. декември, а требаше да заврши на 24. јануари.
Курц потенцира дека Австрија сака да ја избегне ситуацијата како онаа во Велика Британија и Ирска, каде што се случи нагло избивање на заразата поради мутираниот вирус.
Во Австрија досега има регистрирано околу 150 случаи на зараза со новиот сој на коронавирус од Велика Британија.
Од 8. февруари ќе почнат да се отвараат училиштата, продавниците, музеите и занаетчиските работилници, но рестораните и хотелите како што вели Курц, ќе мора да почекаат.
– Моментално мора да претпоставиме дека барем во февруари нема да биде можно да го отвориме туризмот и угостителството, рече Курц.