“Децата крв ќе ви плукаат”: Освен омраза Апасиев не нуди ништо друго, реагираат од СДСМ за постот на Апасиев – ММС
ММС

Објавено на: 01/17/21 2:20 PM

“Децата крв ќе ви плукаат”: Освен омраза Апасиев не нуди ништо друго, реагираат од СДСМ за постот на Апасиев

На бурните реакции во јавноста кон министерката Мила Царовска за наводниот шал од 300 евра со кој таа се појави на средба со синдикалците, вчера се приклучи и лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Тој на својот фејсбук профил сподели пост со кој ја критикува министерката, но и додаде хаштаг “Децата крв ќе ви плукаат”, што предизвика мноштво негативни реакции на социјалните мрежи. На прес-конференција на СДСМ, портпаролката Богданка Кузеска, ваквата порака на фејсбук ја оцени како скандалозна, екстремна и заканувачка.

– И покрај тоа што Апасиев се обиде да ја сокрие од социјалните мрежи, ништо не може да ја избрише оваа радикална изјава полна со омраза.Говорот на омраза е еднакво присутен како и ширењето дезинформации и лаги, зад кои се крие истата цел – поделба на граѓаните, дискредитирање и тоа се’ само заради партиски и лични интереси.Говорот на омраза е неприфатлив. А, кога тоа доаѓа од човек кој во Домот на демократијата треба да ги застапува интересите на граѓаните, е навредлив кон граѓаните и апсолутно недозволив, реагира Кузеска.

Од таму велат дека за целиот период откако Левица е дел од Собранието, освен омраза, поделби, закани и популизам, не понудиле ништо друго.

– Ниту еден единствен проект, ниту идеја, ниту предлог во интерес на граѓаните и државата. Самопромоција, со евтин популизам и ништо повеќе – и секогаш на линија со политиканството, блокадите, деструкциите на ВМРО ДПМНЕ.Исто како и ВМРО ДПМНЕ, со апсурдни амандмани се обидоа да ја блокираат финансиската поддршка на граѓаните и компаниите погодени од Ковид кризата, исто како ВМРО ДПМНЕ и Левица се противат на спроведување попис.Левица нема ништо свое, освен навреди, омаловажувања и омраза во огромни количини, рече Кузеска.

По негативните реакции, постот на Апасиев е избришан од неговиот профил.