Македонија и Косово заедно ќе аплицираат за прекугранични проекти за развој на туризмот – ММС
ММС

Објавено на: 07/18/18 3:48 PM

Македонија и Косово заедно ќе аплицираат за прекугранични проекти за развој на туризмот

Македонија и Косово ќе ја продлабочуваат соработката во областа на рамномерниот регионален развој. За оваа цел, пограничните региони заедно ќе аплицираат за грантови во европските фондови за развој на туризмот. Оваа одлука денеска на заедничка средба во Скопје, ја донесоа министерот за економија, Крешник Бектеши и косовскиот министер за регионален развој, Расим Демири.

Министерот Бектеши посочи дека на средбата ги споделиле искуствата и начинот како во земјава се финансираат регионите со цел да бидат еднакво развиени:

„На средбата ги споделивме искуствата и начинот како во Република Македонија се финасираат регионите со цел да бидат еднакво развиени. Договоривме пограничните региони заедно да аплицираат во фондовите на ЕУ за добивање грантови за развој со цел да се креираат нови работни места и да се привлечат туристи, посебно во регионот на Шапка и Брезовица и Липкови и Гњилане“.

Министерот Демири пак, нагласи дека изградбата на автопатот кон македонската граница покажува дека како што вели тој, Косово сака да соработува со Македонија.

„Денешната посета е многу значајна и секое искуство пренесено од македонска страна за нас е многу корисно. По денешниот состанок во Скопје ќе формираме работни групи кои ќе работат на заеднички европски проекти финансирани преку ИПА програмата во областа на туризмот. Се надевам дека наскоро ќе потпишеме и меморандум за соработка“, рече Демири.

На денешната средба меѓу другото, била разгледана и можноста за потпишување меморандум за соработка меѓу министерствата за локална самоуправа и за економија.