Пендаровски за назначувањето амбасадори: Во Вашингтон, Њујорк, Москва, мора да излеземе со дипломатски и политички „тешкаши” – ММС
ММС

Објавено на: 01/16/21 4:14 PM

Пендаровски за назначувањето амбасадори: Во Вашингтон, Њујорк, Москва, мора да излеземе со дипломатски и политички „тешкаши”

Претседателот на државата  Стево Пендаровски во интервју за МИА, во врска со одолговлекувањето на назначување амбасадори во клучните престолнини, вели дека причина за тоа е дел поради пандемијата, а дел поради, како што вели, немање солидни кандидати за тие позиции.

– Координацијата меѓу мене и Владата пред година и пол за оваа група што веќе отиде, уште шест-седум треба да заминат, добија агремани, значи околу 15 или 16 амбасадори договоривме во тој период завршија со немање кандидат. Не дека имаше судир меѓу мене и Владата, меѓутоа немаше солиден кандидат за тоа место. Тоа беше главната причина. Јас се надевам дека сега независно од пандемијата што не е завршена ќе можеме во обновени разговори меѓу нас, меѓу мене и МНР и Владата да го отвориме и тоа прашање и наскоро пролетта да го затвориме, вели Пендаровски во одговор на прашањето дека две години стои испразнето амбасадорското место во Вашингтон.

Претседателот на прашањето дали причината за непополнетите амбасадорски места се партиски препукувања,  потенцира дека не сака да навлегува во калкулации и не сака одговорноста да ја префрла на Владата.

-Јас не можам да влезам во калкулациите и не сакам да ја префрлам одговорноста на Владата. Меѓутоа, за жал, знаете, сечие име денеска може да се политизира, интересите се и на партиите и на интересните групи големи и ние објективно и за многу други прашања бавно доаѓаме до брзи решенија, а таму Вашингтон, Њујорк, Москва ние мораме да излеземе навистина со дипломатски и политички „тешкаши”. Не можеме со бирократи од некоја пониска категорија или колку да кажеме имаме човек таму. Многу ни е битно да имаме квалитетен кадар. Не велам дека немаме, меѓутоа факт е дека во нашава држава знаеме таква екстра класа луѓе во различни области најчесто ни фалат, дециден е Пендаровски.

Во врска со неиспраќање амбасадор и во Бугарија, во сложен момент на релација Софија-Скопје, Пендаровски рече дека немале заедничка согласност со Владата и со МНР мандатот на претходниот амбасадор Марјан Ѓорчев да биде продолжен за уште неколку месеци.

-Што се случи практично со нашиот претходен амбасадор Ѓорчев. Неговиот мандат заврши на 31 март минатата година и пандемијата и затворањето на границите веќе беа стартувани. Мојот став во тој период беше дека неговиот мандат би требало да биде продолжен уште за неколку месеци, меѓутоа за тоа немавме заедничка согласност со Владата и со МНР, во ситуација кога многу тешко можевме тотално еден локдаун во целиот свет, па и кај нас, кога не можевме да направиме еден нормален политички процес на консултации, на одење во Парламент и на селекција на кадри и мислам дека пандемијата и завршувањето на мандатот на претходниот амбасадор е главната причина зошто тоа не се случи досега што немаме таму амбасадор, вели претседателот Пендаровски во интервјуто за МИА.