Во јаболковите насади на средното општинско училиште „Цар Самоил” во Ресен поставена е агрометеоролошкa станицa со софтвер за земјоделски култури, преку која земјоделците во Преспа ќе може да се информираат за моменталните температура и влажност во воздухот.
Агрометеоролошката станица е дел од проектот „Иновациите во функција на унапредување на земјоделството во Пелагонискиот регион” што го реализира Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.
Агрометеоролошката станица МЕТЕОБОТ има сензори за мерење на температурата и влажноста на воздухот, воздушниот притисок, брзината на ветрот, количеството на врнежи, соларната радијација, влажноста на лист и сензор за мерење на температурата на почвата.
„Сите измерени информации станицата ги собира во временски интервал од 10 минути и преку GPRS ги испраќа до сервер, каде се обработуваат и се препраќаат до компјутерската и мобилната апликација. Станиците се целосно автоматизирани и независни, што значи дека корисникот информациите ги презема преку компјутерска и мобилна апликација, без физички да ја посетува агрометеоролошката станица“, објасни денес градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.
Апликациите може да се спуштат преку андроид и IOS уреди.
МИА