Вчера ненадејно згасна еден од најубавите гласови на домашната музичка сцена, Ѓоко Дончев, доајен на македонската народна музика, кој е роден на 2.5.1949 година во Валандово. Беше активен на сцената повеќе од 25 години и со своите песни ја одбележа златната ера во македонската фолк музика.
Во текот на неговата плодна музичка кариера соработуваше со најдобрите изведувачи и композитори и испеа дел од најубавите македонски фолк песни. Во македонската народна музика остави длабока трага со своите безвременски хитови, како легендарните „Чуј ги куме свирачите“, „Сношти Кате“, „О доме мој“ и многу други.
Освен како исклучителен во музиката, семејството, пријателите и колегите ќе го паметат како посебно харизматичен и ведар. Џоко, како што го нарекуваа блиските, не ја криеше љубовта кон своето родно Валандово и во едно интервју рече: “Валандово е љубовта моја”. Тој ни остави многу хитови ја остави за секогаш да се пее “О доме мој”, “Сношти Кате пак те видов”,”Свирете другари” и безброј други убави македонски песни.
Дончев ќе биде погребан утре (недела) на градските гробишта во Бутел во 12.30 часот.


