Со локум и чалгија се заживува старата битолска чаршија преку фестивалот „Локум фест“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/18/18 2:10 PM

Со локум и чалгија се заживува старата битолска чаршија преку фестивалот „Локум фест“

Седум ансамбли од Македонија, Бугарија, Турција, Словенија и Индија во три вечери во срцето на Старата битолска чаршија ќе го доловат духот на традицијата во Битола и сето тоа проследено со слаткото задоволство – локумот. Утре започнува 12-то издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“. Овој ​фестивал е единствена ваква манифестација која својата инспирација ја црпи од културното наследство на најопеаниот македонски град, Битола. Директорот на фестивалот, Тоше Ивановски вели дека „Локум фест“ го доби своето име според еснафскиот обичај на „локум и кафе “ како синоним за средба, еснафлук, пријателство, огледало на мултикултурата во славната конзулска Битола.

-Единствен и автентичен културен фестивал кој нема естрадни елементи, ниту пак комерцијален карактер туку се обидува да ја подигне свеста за значењето на традицијата, заштита на живото културно наследство и заживување на чаршијата. Фестивалот има и друга функција, повикува и на зголемена туристичка зголеменост и развој на културниот туризам што е една од нашите главни задачи, изјави Тоше Ивановски, директор на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција.

На фестивалот ќе настапат „Морски перли“ од Варна, „Balkananatolia“ Турско македонска тајфа,„Баклава“, „Etnhnusiasm“ од Словенија,„Вевки чалгија трио“, и „Tapi Project“ од Индија.

-Целта ни е негување на македонската музика и традиција, спакувана во модерен аранжман со наша интерпретација со која мислиме дека ќеја доближиме до сите, вели Горан Гаревски од „Etnhnusiasm“ Словенија.

Овој фестивал посебен акцент му дава на чалгијата која е подзаборавена, вели битолчанецот Вевки Амедов од Вевки Чалгија трио.

-Таа е музика поврзана со византиската, и заради тоа, таа е тешка за гаење и не се гаи кај нас во Македонија. Се надевам дека ќе почуствуваат разлика од народната македонска музика со таа ние што ја свириме и гаиме, вели Амедов.

За време на трите вечери на фестивалот, од 19 до 21 јули, ќе има и Саем на македонски ракотворби од ЗУР Македонски ракотворби, а Организацијата на жени на Општина Битола ќе ја презентира „ Архитектурата на Битола низ вез“.

Маја Богоевска