Под слоганот „Трчаме рецитираме” на 23 мај во Струга ќе се одржи „Трка на поезијата”, во организација на здружението „Спортски мостови” од Струга.
Целта на настанот, како што соопшти организаторот, е да се подигне свеста на луѓето за важноста на физичката активност, како и промоција на спортот и трчањето.
– Преку трката на поезијата, од пет и од 10 километри, Струга ќе биде домаќин на голем број успешни спортисти и атлетичари, спортски работници, како од нашата земја, така и од другите држави. Слоганот „Трчаме рецитираме” дава многу убава релација на спортот и она што е препознатливо за овој град, а тоа е поезијата, посочи здружението „Спортски мостови”.
Трката од 5 километри ќе биде од рекреативен, а од 10 километри од натпреварувачки карактер. Предвидена е и детска трка од еден километар.
Здружението информира дека во зависност од состојбата со пандемијата од Ковид 19, дополнително ќе објави подетални имформации околу целиот настан.