Општина Вевчани го осуди палењето на бугарското знаме на карневалот – ММС
ММС

Објавено на: 01/15/21 3:49 PM

Општина Вевчани го осуди палењето на бугарското знаме на карневалот

Општина Вевчани  го осудува чинот на палење на знамето на Република Бугарија за време на Вевчанскиот карневал – соопшти денеска градоначалникот Сашо Јанкоски.

Овој чин не соодејствува со ставот на Општината и најголемиот процент на нејзиното население. Напротив, Вевчани е меѓу првите општини во Македонија збратимена со градчето Мелник, општина Сандански, како членови на Асоцијацијата на карневалските градови кои негуваат слични традиции, истакна Јанкоски.

Општина Вевчани и Вевчанци, нагласи тој, и во минатото веднаш ги осудувало палењата и на знамиња и на други држави.

– Упорно стоиме на ваквиот став и во иднина ѝ сметаме дека ваквиот чин на изразување револт е недопустлив макар и за најирационалниот, најстариот и најавтентично сочуван пагански карневал во светот како што е опишуван Вевчанскиот низ годините од речиси сите светските медиуми. Се надеваме дека овој несреќен чин и ирационален чин нема да фрли дамка на меѓусоседските односи, посочува Јанкоски во осудата.

На традиционалното палење василичарски маски, вчера во Вевчани беше запалено и знамето на Република Бугарија, кое беше дел од маските.